Пред последното соочување со Трамп, Бајден трет ден мина дома

Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот последен пат пред изборите на 3-ти номеври ќе се соочи во дебата со својот противкандидат Џо Бајден, а пред настанот на Универзитетот Белмонт во Нешвил кој може да мине во напната атмосфера демократскиот предизвикувач три дена не се сретна со своите приврзаници.

Поради тоа што нивната прва дебата кон крајот на септември во Кливленд беше оценета за хаотична со чести меѓусебни упаднувања во зборот, кога Бајден го навредуваше Трамп дека е „лажго“, „расист“ и „кловн“, а овој му возврати дека не поседува „нималку интелигенција“, воведени се нови правила на кои се противат републиканците обвинувајќи го организаторот дека го фаворизира демократскиот кандидат.

Ништо не навестува дека и овојпат атмосферата во дебатата, која ќе се одржи ноќта кон петокот по македонско време, може да биде попристојна и поконструктивна. Двајцата претенденти ќе бидат одвоени со плексиглас поради коронавирусот, што не беше случај на првото соочување. Модераторот ќе има право да ги исклучи микрофонот на некој од кандидатите доколку процени дека може да се уфрла во излагањето на другиот.

Дебатата ќе трае 90 минути, а темите кои ги одбра организаторор се борбата против коронавирусот, американското семејство, расното прашање, климатските промени, националната безбедност и управувањето со државата, но изоставена е економијата.

„Мислам дека тоа е неправедно“, изјави Трамп во средата во Белата куќа, повторувајќи ги критиките на сметка на модераторката Кристен Велкер, известувачка на телевизиската мрежа NBC News од Белата куќа, за којашто вели дека е „тврда демократска левичарка“.

Се претпоставува дека Трамп остро ќе нападне повторувајќи дека семејството Бајден е „злосторничко здружение“, откако во дневниот печат претходните денови се појавија написите дека Хантер Бајден, синот на демократскиот кандидат во периодот кога тој беше потпретседател на САД имал вносни бизниси во Украина во енергетска компанија поврзана со проруски олигарски и која била под истрата за корупција што е прекината наводно по интервенција на Бајден постариот, а истовремено имал и основано компанија во Кина на чија сметка добил 1,5 милијарди долари од сметка на кинеската влада.

 

Обама првпат на собир на Бајден, кој остана дома

Доналд Трамп ја одби вирутелната дебата на 15-ти октомври, формат кој беше предложен за да се избегне можна зараза откако тој беше позитивен на коронавирусот.

Само три дена по излегувањето од болницата, тој продолжи со директните средби со поддржувачите. Доследен на својата стратегија на „омнипрезентност“, Трамп во средата вечерта учестуваше на собир во сојузната држава Северна Каролина, уште една држава клучна за конечниот победник на американските претедателски избори, во којашто анкетите прогнозираат израмнет резултат.

Џо Бајден, пак, трет ден со ред остана дома, а го замени поранешниот 44-ти американски претседател Барак Обама, кој се појави прват во кампањата на својот сопартиец.

„Не ме интересираат анкетите“, рече Обама во Филаделфија, додавајќи дека тие во 2016-та беа наклонети на неговата соработничка Хилари Клинтон пред нејзиниот пораз. Но тврдеше дека тогаш многу демократски гласачи останале дома, па Обама ги повика масовно да излезат на 3-ти номември.

Го овини републиканецот Трамп дека претедателската позиција „не ја сфаќа сериозно“, и рече дека „твитањето со телевизијата не ги решава проблемите“. Притоа најмногу се осврна на епидемијата од коронавирусот, речиси единствената тема на која демократите потполно ѝ притапуваат во предизборната кампања.

„Таа за секој претседател би била тешка. Но нивото на некомпетенција и дезинформации, бројот на луѓето кои можеби не би биле мртви да направеме евидентни работи…“, изјави Обама велејќи дека Бајден и неговата кандидатка за потпретседател Камала Харис поефикасно би управувале со епидемијата