Пред самитот, Макрон го прима Столтенберг

140

Францускиот претседател Емануел Макрон ги прима во четвртокот во Елисејскиот дворец генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за со него да ги разјасни своите изјави за „мозочната смрт“ на воениот сојуз кој следната седмица се собира на самит во Лондон.

Макрон ќе го прими Столтенберг „за да го подготват самитот на НАТО и да го осигураат неговиот успех“, се наведува во соопштението на Елисејскиот дворец.

Францускиот претседател во интервјуто од 7-ми ноември за британскиот магазин The Economist, меѓу другото, рече дека „Она низ што моментално минуваме, тоа е мозочна смрт на НАТО“.

Макрон со тоа реагираше на два големи товара за Алијансата, САД и Турција. Првиот одлучи делумно да ги повлече силите од Сирија без за тоа да ги предупреди сојузниците. Вториот, пак, интервенираше на северот од Сирија против курдските сили кои беа сојизници на Западот во борбата против Исламската држава.

„Не постои никаква координација на стратешките одлуки на САД со партнерите во НАТО, а сведоци сем на агресијата којашто ја спроведува друг партнер во НАТО, Турција во зоната во којашто во игра се нашите интереси, без координација“, рече тогаш Макрон.

Овој директен напад подигна голема врева и веднаш беше осуден од страна Вашингтон и Анкара, но и Германија, Велика Британија и источните членки.

Јенс Столтенберг најави дека ќе се сретне со Макрон за „подобро да ја разбере неговата порака и причините кои стојат зад“ овие критики. „Кога постојат разлики, најдобро е за нив да се разговара“, истакна.

Самитот на НАТО се одржува на 3-ти и 4-ти декември во Лондон, а на него ќе присуствуваат и американскиот и турскиот претседател, Доналд Трамп и Реџеп Тајип Ердоган, кои и онака имаат меѓусебни разидувања поради турската набавка на руските противвоздушни одбранбени ракетни системи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.