Предистражна постапка за прислушувањето на претседателот на Србија

Обвинителството за организиран криминал во Белград покренало предистражна постапка во врска со наводите за неовластените прислушувања на српскиот претседател Александар Вучиќ, беше потврдено во четвртокот.

Предистражната постапка е покренета на 15-ти декември 2020 година по барањето на српското Министерство за внатрешни работи за собирање на потребните известувања, а тоа барање е дополнето на 14-ти јануари годинава, се наведува во соопштението на Обвинителството за организиран криминал во Белград.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 31-ви декември изјави дека бил прислушуван и дека тоа го „работеле домашни“, а „надлежните тела ќе утврдат дали биле поврзани и со странци“. Прислушувањето на шефот на државата е „директен обид за државен удар“, додаде тогаш Вучиќ.

На почетокот од јануари белградските медиуми објавија дека е покрената „опсежна и детална истрага“ за тоа кој, по чиј налог и со која цел го прислушувал претседателот на Србија, а министерот за внатрешни работи Александар Вулин истакна дека „сигурно ќе се дојде“ до вистината и дека „службите работат на истрагата“.

„Ќе дојдеме до вистината, а правосудните органи ќе го одработат своето“, истакна Вулин, потенцирајќи дека шефот на српската држава „ѝ даде на полицијата потполно одврзани раце да ја утврди целата вистина во овој случај“.

Во соопштението од четвртокот наведува дека цел на предистражната постапка е да се проверат сите информации и известувања кои се „неопходни за расветлувањето на сите факти и околности“ во врска со прислушувањето на Вучиќ, со намера да бидат откриени сторителите и кривичните дела од надлежноста на Обвинителството за организиран криминал.

„Предистражната постапка е во тек и во интерес на нејзиното непречено водење Обвинителството за организиран криминал поединостите од оваа постапка нема да ги изнесува во јавноста“, се додава во соопштението, со најава дека јавноста ќе биде известана „по завршувањето на оваа постапка“.

Истовремено, некои српски медиуми објавија во четвртокот дека поранешната државна обвинителка во Министерството за внатрешни работи, Дијана Хркаловиќ одбила полиграфско испитувања и не сакала да профати да оди на детектор за лага.

Според сознанијата на дневниот весни Вечерње новости, било планирано Хркаловиќ да биде испрашувана во аферата околу прислушувањето на претседателот Вучиќ и нејзините наводни контакти со лица од српското криминално милје.

„Таа (Хркаловиќ) го одбила тестирањето во моментот кога требала да биде приклучена на полиграф“, пишува електронското издание на Вечење новости.

Во написот се додава и дека досега во „Аферата прислушување“ искази дале повеќе од 50 лица, меѓу кои и некои високи функционери од водството на српското Министерство за внатрешни работи за пруслушувањето на претседателот Вучиќ и неговото семејство најмалку две години.