Предизборната кампања во финишот, се заострува и реториката и нападите

Само уште три дена имаат претседателските кандидати да ги убедат граѓаните в недела да излезат на гласачките места и да им ја дадат поддршката. Пред да стапи изборниот молк в петок на полноќ, предизборните кампањи на тројцата претенденти за највисоката државна функција ги засилуваат активностите.

Но, со исто темпо се заострува и реториката, а негативната кампањата и отстапува се повеќе простор на позитивната промоција.

Политичките аналитичарите велат изјавите и нападите со лични дисквалификации кон соперникот се сосема очекувани имајќи предвид дека информациите говорат за тесна битка меѓу главните двајца фаворити за претседателската функција.

Анкетите предвидуваат неизвесна битка во првиот круг закажан за 21-ви април Истражувањата на јавното мислење направени во пресрет на изборите покажуваат дека секое ливче во гласачките кутии ќе биде пресудно за крајниот резултат.

Според последната анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) објавена вчера за кандидатот на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски би гласале 27,2 отсто, додека за кандидатката зад која застана ВМРО ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова својот глас би го дале 23,5 отсто. Разликата е само 3,7 отсто минимално над процентот на статистичка грешка. Блерим Река, кандидатот на Алијанса за Албанците и БЕСА, би го поддржале 11 отсто од испитаниците.

Анкетата на Гласот на Америка, пак, покажува дека македонските граѓаните даваат далеку поголема поддршка за Силјановска Давкова. Според ова истражување, кандидатката на опозицијата има поддршка од високи 60 отсто, Пендаровски само од 15 отсто, а Река три отсто.

СДСМ ги следи активностите на граѓаните во пресрет на избори!?

Дека битката неизвесна и се посега и по недозволени средства во битката за глас повеќе говори и денешната информација од штабот на Силјановска Давкова.

Оттаму денеска објавија дека добиле информации од анонимно лице за апликација на платформата „Гугл плеј“ креирана од СДСМ, а која доколку се инсталира на мобилен телефон ги презема информациите за корисникот, неговата локација и други информации без согласност на корисникот.

„Според независни ИТ експерти кои ги консултиравме постојат сериозни индиции дека со помош на апликацијата која што е поставена на сервисот за апликации на Гугл Плеј, а која е направена од страна на владејачката СДСМ се прибираат лични податоци и мета дата од телефони на сите што ја симнале аликацијата. Дополнително можеби уште пострашно, според индициите што ги имаме апликацијата се користи од членови на СДСМ кои што со нејзина помош добиваат целосен увид во интернет активностите на сите граѓани“, посочи Момировски и додаде:

Преку оваа апликација теренските активисти на СДСМ прибираат и складираат лични податоци на граѓани без нивна дозвола. Овие податоци спротивно на сите позитивни правни прописи се под контрола на партијата на власт и најверојатно се користат за други активности со цел да се влијае на гласањето, но и за други политички цели на власта. Според документите што ги добивме имаме сериозна загриженост дека се злоупотребуваат матични броеви на граѓани, се врши контрола на лични контакти и таканаречена геолокација односно следење движење на граѓани и на тој начин се вршат тешки злоупотреби во изборниот процес.“