Предизборно сменети имињата на две училишта во Чаир – „Никола Вапцаров“ стана „Исмаил Ќемали“

Предизборната кавга меѓу актуелниот владини функционери СДСМ и ДУИ денеска продолжи со нов повод. Овојпат со различни ставови за преименувањето на две основни училишта во општина Чаир.

Министерот за образование и наука, Арбр Адеми синоќа на Фејсбук објави дека имињата на училиштата „Никола Вапцаров“ и „Рајко Жинзифов“ се сменети и во Централен регистар. Новите имиња се „Исмаил Ќемали“ и „Имри Елези“.

„Откако ги потпишав потребните документи, прашањето со имињата на училиштата во Чаир конечно е затворено“, напиша Адеми на Фејсбук.

Ова е направено иако спорот околу новите имиња на неколку училишта трае речиси 10 години.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска ги повика институциите да ја корегираат постапката бидејќи е незаконска.

„Централниот регистар мора да ја коригира веднаш затоа што не постои одлука на Советот на општина Чаир. Со записник на некој си училишен одбор, надвор од законските прописи е спроведена одлуката и доставени се материјалите. Ги повикувам институциите да си постапат со закон“, рече Заев.

Директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска – Јанковски тврди дека постапката за преименување на училиштата кај нив е чиста.

Таа, во изјава за „360степени“ вели дека Централниот регистар не може да навлегува во исправноста на одлуката на министерот, за чие преиспитување може да се поведе постапка пред надлежниот суд.

Бошковска-Јанковски посочува дека „Единствен правен лек во овој случај е засегнатата страна да поднесе тужба до Управниот суд. Тоа би било основа за евентуално коригирање на постапката и на податоците внесени во Централниот регистар.“

На постапката за нови имиња на училиштата во Чаир реагираа и од ВМРО ДПМНЕ. Велат на овој начин се прават дополнителни поделби меѓу граѓаните.

Владата на СДСМ без одлука на Совет и без бадентерово мнозинство ги смени имињата на училиштата. Заев е лицемерен и без срам излегува да ја лаже јавноста. Заев знаел за оваа промена и ја одобрил, исто како што знае за одлуките на ЈО и Врховен суд“, се вели во реакцијата од ВМРО ДПМНЕ.

Инаку, во 2012 година Инспекторатот за локална самоуправа го поништи преименувањето на четири училишта во Чаир, меѓу  кои и „Никола Вапцаров“ и „Рајко Жинзифов“ бидејќи Советот на општина Центар одлуката ја донел без неопходното Бадентерово мнозинство.  Ова значи дека советниците Македонци не гласале за ваквата одлука со што таа е неважечка.