Предизвикувачка иднина

Неизвесни времиња не’ очекуваат. Во секој поглед. Токму од тие причини општествениот, а со тоа и политичкиот консезус, за прашањата од национален интерес се услов без кој не се може. Нациите по инстинкт се собираат околу знамето, во предизвикувачки моменти македонската опозиција требе да го разбере ова и да го прифати. Едноставно нејзините инсистирања за внесувањето на Бугарите во уставот не содејствуваат со реалноста на европската и глобалната сцена.

Претседателските избори во САД завршија. Поразените ја признаа победата на претседателот Трамп и политичката тензија, полека, но сигурно се смирува. За разлика од САД, политичките тензии во Европската Унија почнуваат да се разгоруваат. Низвесноста станува се повидлива! Двоецот Франција-Германија заглави. Германија, по нова година, оди на вонредни избори. За владеачката коалиција не е прашање дали ќе победи. За неа прашање со колкава разлика ќе изгуби. Зелените и бизнис партијата, од колицијата,  не се сигурни ни дека ќе влезат во новиот парламент. Едно е сигурно, крајната десница и крајната левица ќе влезат, а победник ќе биде умерената десница. Буџетот за 2025 година ќе го разгледуваат во март месец. Каков ќе биде и кога ќе биде усвоен, нормално, не се знае. Францускиот парламент го усвои буџетот на државата, но на барање на крајната десница помошта за Украина ја намали од 3 на 2 милијарди евра.  Знак дека новата француска влада ја има подршката на мнозинството. Прашање е до кога. Франција, согласно уставот, следната година ќе има право на вонредни избори. Тие ќе зависат исклучиво од волјата на крајната десница.

На прв поглед се чини, ваквите внатрешни состојби воопшто не ги потресуваат нивните лидери. И претседателот Макрон и канцеларот Шолц не отстапуваат од своите политики, посебно не во однос на Украина. Одат и чекор понапред. Доколку САД под Трамп се откажат од подршката на Украина, тие ќе ја продолжат и ќе ја зајакнат. На ова се надворзуваат и британските лабуристи. Некои јавно бараат, доколку САД се откажат од Украина, Обединетото Кралство да испрати свои војници во Украина. При ова тие забораваат дека за само два месеци откако се на власт, за 50% ја изгубија подршката на граѓаните. Како што тргнале на добар пат се да продолжат да ја губат. Иво Даадлар, извршен директор на Чикашкиот совет за глобални прашања и поранешен амбасадор и член на советот на безбедност на САД, во својата најнова колумна, прашува: „како можеше да се случи Трамп“. Воопшто не гледа дека одговорот му бил  пред очи. Тоа што се случувше во САД до победата на Трамп, се случува и во дел од Европската Унија и Обединетото Кралство. Лидерите на трите, од четирите најмоќни држави, се чини дека се целосно одвоени од реалноста. Продолжуваат да водат политики, чии досегашен резултат е внатрешната поларизација, зголемување на социјалната нееднаквост и несигурност, а со тоа и отварање на пат за победоносни маршеви на крајната десница. Целосно играат на картата на Путин Великиот! За него, војната во Украина прерасна во војна за ослабување на Европската Унија.

Четвртата европска сила – Италија, се држи на дистанца. Крајната десница на чело со премиерката Мелони, води исклучително прагматична политика. На внатрешнен план продолжува со нејзините политики на постепено гушење на либералните права. Осудите од страна на Европската комисија не ги есапи сериозно. Таа  добро знае дека се додека ги поддржува Макрон и Шолц, во нивните надворешно политички ризици, таа нема да изгуби. Таа всушност и не презема некои сериозни и ризични чекори. Зборува против Путин. Ја брани и подржува Украина, но отвара врата кон Кина. Италија официјално се откажа од членството во кинеската иницијатива на „појасот и патот“, но брзо нејзината премиерка отиде во Кина за да зборува за зајакнување на соработката помеѓу двете држави. Пред десетина дена и италијанскиот претседател отиде во Пекинг. Си зеде за слобода да им укаже на своите домаќини дека недоволно вложувале во италијанската економија. Резултат од оваа посета се 15 меѓудржавни договори за соработка во различни сфери. Мелони воопшто не се потресува, ниту заради победата на Трамп. Таа знае дека како лидер на крајно десна партија ќе најде заеднички јазик со него.

Некои проценки зборуваат дека не само италијанската крајна десница, туку дека сите европски партии од овој дел на политичкиот спектрум, ќе ја имаат подршката на претседателот Трамп. Некои одат до таму што сметаат дека преку нив Трамп ќе се обиде и да ја дестабилизира Европа. Тоа тешко дека ќе се случи. Европа, повеќе ослабена може, но дестабилизирана тешко! Дотолку повеќе што САД немаат интерес да ја дестабилизираат Европа. Таков интерес нема ниту Русија, а Кина најмалку. Оттуука изјавите и коментарите дека Трамп преку крајно десните партии сака да ја дестабилизира Унијата, се производ на либералните кругови. Крајната десница, без оглед чија е, имаа единствена ѕвезда водилка. Интересите на сопствената држава и нација, така како што тие тоа го посакуваат. Ништо друго! Посетата на словачкиот премиер на Кина, пред десетина дена тоа јасно го покажува. Во заедничкото соопштение по повод потпишувањето на договорот за стратешко партнерство помеѓу двете држави, јасно стои. Словачка е дел на Европската Унија, Словачка опстојува на вредносниот систем на Унијата, но Словачка сака да ја продлабочи економската соработка со Кина и да ги зголеми кинеските директни инвестиции. Како и секој националист, словачкиот премиер, сосема разбирливо, во услови на криза на германската автомобилска индустрија, која е присутна во неговата земја, бара алтернатива. Тоа е чист прагматизам. Идеолошки е неговиот став да бара прекин на непријателствата во Украина. Различен од тој на мнозинството земји членки на Унијата, но согласно со неговата определба за прекин на страдањата на украинскиот народ. За да се одбегнат евентуалните недоразбирања, потребно е да се потенцира дека и словачката влада, како и италијанската, во внатрешната политика, остапува од општоприфатените вредности на Унијата. Исто како што тоа го прави и Орбан во Унгарија или  бугарскиот парламент, под влијание на крајната десница. За Австрија треба да се почека. Холандија е друга приказна. Таму приоритет на крајната десница е миграцијата. Исто како во Шведска.

Чешка следната година ќе се приклучи на овој клуб. Полска ќе биде поделена помеѓу ставовите на претседателот и премиерот, исто како и Хрватска. Иронично, но судбината на шпанската влада стана зависна од еколошката катастрофа и справувањето со последиците од неа. Нешто што само може да и оди на рака на крајната десница. Балтичките држави, но и останатите помали држави од југот, се сеуште надвор од овој круг. Непознаница е Бугарија.

Маршот на крајната десница, сега за сега се контролира. Најмногу со коалиции на т.н. про-европски партии, но прашање е до кога. Сеуште на виделина не се гледа идеја која ќе може да се справи со нив. Планот на поранешниот италијански премиер Марио Драги за реформирање на Унијата, а со тоа и зголемување на нејзината конкурентност, може да се каже дека е разумен. Со една забелешка. Од каде да се најдат 800 милијарди евра за да може да се реализира. Но тој план нема да го реши суштинскиот предизвик со кој се соочуваат либералните демократии. Нееднаквоста! Шпанскиот премиер Санчез смета дека има решение за тој проблем, но тоа е привид. И на него зад врат му дише крајната десница. Сепак, за воља на вистината, во моментов политиките на неговата влада дават резултати. Краткорочно, но даваат.

Гледано од овој аспект, станува јасно зашто и САД, но и земјите членки на Унијата, кои повеќе, кои помалку, сегашниот судир во Украина го карактеризираат и како судир помеѓу демократските и автократските држави. Како судир на политички системи кои помеѓу себе се натпреваруваат кој им носи поголема благодет на граѓаните. Барањето вистина е залудно. Проблемите во либералните држави не произлегуваат од демократскиот политички систем. Посовршен од него во моментов нема. Проблемите произлегуваат од несоодветната дистрибуција на општественото богатство. Нешто за што исто така нема решение. Едноставно капитализмот не е општетсвено-економски систем. Тој, според зборовите на еден учен е во природата на самото човечко битие. Истиот тој феномен е присутен и на меѓународната сцена. Еден од националните интереси на секоја држава е да ја подобрува благосостојбата на своите граѓани. Најчесто на штета на другите! Глобален одговор на овие два феномена во моментов нема. И покрај предизвиците со ковид кризата предизвиците со војната во Украина и на Блискиот исток, лидерите на западниот демократски свет, за авторативните нема потреба да се зборува, продолжуваат по разгазените патишта. Глобалната економија полека, но сигурно исчезнува. Воведувањето на протекционистичките мерки, како и прогласувањето на економијата за прашање од национална безбедност има една и единствена цел. Да ги забави брзорастечките економии, а со тоа да се задржи приматот на развиените. Глобалното општествено богатсво да се дистрибуира на истиот начин како и досега. Политика, која за жал, во услови на изменета реалност на Југот, само ќе ги зголемува тензиите, како надвоешните, така и внатрешните. Посебно во Европската Унија. Одлагањето на изборот на замениците на претседателката на Европската Комисија, во европскиот парламент, е симптом на зголемениот судир помеѓу левицата и десницата. Зад него стои маршот на крајната десницата. Грчката владеачка „Неа Демократија“ е најдобар пример за тоа како една десно од центарот партија, под налетот на крајната десница, почнува да се одалечува од центарот и да се приближува кон крајната десница.

Успешна дипломатија е таа која е способна со голема доза на сигурност да ги предвидува настаните на регионално или глобално ниво. За тоа е потребен интегриран систем за собирање и анализа на податоци и креирање на политики. Политичките одлуки не смеат да се носат врз база на инпресии, или непроверени информации. Уште полошо, да се делува пост фестум.

Македонија, согласно своите капацитети, треба да изгради таков систем. Неизвесни времиња не’ очекуваат. Во секој поглед. Токму од тие причини општествениот, а со тоа и политичкиот консезус, за прашањата од национален интерес се услов без кој не се може. Нациите по инстинкт се собираат околу знамето, во предизвикувачки моменти македонската опозиција требе да го разбере ова и да го прифати. Едноставно нејзините инсистирања за внесувањето на Бугарите во уставот не содејствуваат со реалноста на европската и глобалната сцена. Продолжувањето на маршот на десницата во Европската Унија, но и евентуалната трговска војна на глобално ниво, бугарските барања ќе ги направи целосно небитни. Пред нас, но и пред Европа ќе се испречат многу посуштински предизвици. Не случајно нашиот народ рекол „трпение-спасение“, но се разбира и прилагодување.

Автор: Јован Донев за НетПрес