Предлог новата Антикорупциска да има помалку членови

Министерството за правда ќе предложи измени на Законот за спречување на корупцијата, со кои се предвидува Антикорупциската комисија да има пет члена, наместо седум како досега. Се менуваат и условите за да се стане член на комисијата – меѓу другото, ќе се бара да не биле членови на партија, пратеници, министри или на друга политичка функција во последните 10 години. Министерката за правда Рената Дескоска рече дека предлозите ќе бидат на јавна расправа, иако нејзиниот ресор е подготвен од утре да ја започне парламентарната процедура.

Со измените, исто така, се предвидува контрола на имотот на членовите на новата Антикорупциска комисија. Се шират и надлежностите на ова тело, па анкетни листови ќе треба да поднесуваат и извршителите и нотарите. Веќе шест месеци, земјата нема антикорупциска комисија, поради оставките што ги подносеа петмина членови. Во моментов само двајца членови имаат активен мандат, но нивната работа е замрзната во отсуство на комплетна комисија. Борбата против корупцијата е еден од главните услови поставени од ЕУ за отворање пристапни преговори.