ПРЕДЛОГ: Собранието да ги истражува трошењето пари и вработувањата во СЈО

Формирање на Анкетна комисија во Собранието која што ќе истражува како се трошеле парите кои во изминатите четири години му беа ставена на располагање на Специјалното јавно обвинителство, ваков предлог достави денеска ВМРО ДПМНЕ до претседателот на парламентот.

Според пратеникот Антонио Милошоски неопходно е Собранието преку оваа комисија да истражи како се располагало со буџетот „тежок“ 12 милиони евра. 

Анкетната комисија не би се занимавала со било какви обвинителски  или судски предмети бидејќи не сака ниту може да биде обвинител ниту судија но би го утврдувала начинот на материјално и финансиско работење на обвинителството , почитување на постоечките законски процедури и деловодници  внатре во самото обвинителство . Законитост на постапките при вработување во самото обвинителство утврдување на можни конфликтни интереси или непотизам при вработување како и трошењето на средствата по однос на сомнителни хонорари за она што го имаме како дојава за потпишување на договори за чување на деловна тајна која што сметаме дека по самиот опис на работа не би требало да ги исклучуваат обвинителите или вработените внатре во обвинителството бидејќи законот им налага во секој случај со самото засновање на работен однос да чуваат деловна тајна а сметаме дека имало голем дел на такви договори и исплатени хонорари кои што според нас немаат законска основа“, вели Милошоски образложувајќи ги работните задачи кои би ги имала Анкетната комисија доколку биде формирана. 

ВМРО ДПМНЕ предлага на седниците на Комисијата да присуствуваат и претставници на американската, шведската и холандската амбасада како набљудувачи. Нивната вклученост е поради финансиската поддршка што СЈО ја добиваше од владините на овие три држави. 

Милошоски вели очекува поддршка за иницијативата од пратениците од парламентарното мнозинство. Но, првичната реакција на СДСМ не е позитивна. 

Пратеникот и портпарол на владејачката партија, Костадин Костадинов не изнесе став дека ќе поддржат формирање на собраниско работно тело со ваква задача. 

„Антонио Милошоски, човек осомничен во предмет на СЈО, сака да ја разгледува работата на СЈО. Лично за мене, е сосема неприфатливо. Очигледна е паниката во ВМРО-ДПМНЕ и продолжуваат во обидот да си ги амнестираат криминалот и криминалците во нивните редови. Едно нешто можам со сигурност да им порачам, дека како што не успеаа да ги спречат предметите на СЈО да пропаднат, исто така нема да успеат да се спасат од одговорност. Нашиот став е сосема јасен, одговорност за секој кој што се огрешил пред законот, без разлика на неговата партиска, политичка, етничка определба, одговорност мора да има и одговорност ќе има. Тоа важи и за раководството и на ВМРО-ДПМНЕ и сегашното и претходното, но и за нивните тајкуни кои што се појавија за време на нивното 11 годишно владеење“, вели Костадинов. 

Од кабинетот на собранискиот спикер, Талат Џафери информираа дека иницијативата е примена и веќе пуштена во процедура. Се очекува во следните денови да биде ставена на разгледување на пленарна седница.