Предлог-закон за вработување 100 најдобри дипломирани студенти

Предлог-законот за вработување сто најдобри дипломирани студенти од јавните универзитети во Република Македонија, поднесен од Министерството за информатичко општество и  администрација, денеска беше разгледан во прво читање на собраниската Комисија за образование, наука и спорт.

Целта е институциите од јавниот сектор во иднина континуирано да добиваат кадар од најдобрите дипломирани во различни области. Предлогот, кој го образложи државниот советник во МИОА Југослав Георгиевски, предвидува вработување сто лица кои студиите ги завршиле со просечна оценка од најмалку 9.5 на еден од петте најдоброрангирани јавни високообразовни установи во Република Македонија.

За реализација на проектот се планирани дополнителни средства од Буџетот на Република Македонија со вкупен месечен износ од 3.100.000 денари, односно по околу 500 евра за секој од 100-те нововработени.

Во Предлог-законот се утврдени условите (основни и дополнителни) и се уредува постапката за вработување на стоте најдобри дипломирани студенти која ќе почне со објавување јавен оглас, по кој ќе биде избран најдобриот кандидат за работното место и тој ќе заснова работен однос со институцијата на јавниот сектор.

Предвидено е Владата на Република Македонија најдоцна до 15 јули во тековната година да донесува одлука за објавување јавен оглас за вработување на најдобрите студенти кои студиите ги завршиле во периодот од 15 јули во претходната година до денот на објавување на огласот, како и одлука со која ќе ги утврди приоритетните научни подрачја со број на вработени од секое научно подрачје.  За изборот ќе решава Комисија за селекција.

Распределбата на најдобрите студенти ќе се врши согласно со рангот на јавната високообразовна установа на последната објавена официјална ранг-листа на јавни високообразовни установи во Република Македонија. Така што, 30 од 100-те треба да бидат најдобрите студенти од  прворангираната високообразовна установа; 25 најдобри студенти од второрангираната, 20 од третата, 15 најдобри од четврторангираната и 10 најдобри студенти од петторангираната високообразовна установа.

Сите пратеници беа согласни дека се работи за позитивно законско решение, но опозициските забележаа што предлогот не бил инициран претходно во изминатиот период туку, како што рече Љубиша Николиќ од СДСМ, еден месец пред распуштањето на Парламентот.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ реплицирајќи му и порача на опозицијата „да ги надмине партиските стеги“ и да поддржи закон што ќе ги стимулира младите да учат повеќе.

Пратениците, исто така, реагираа и на еден од дополнителните услови – изјава на кандидатот за број на положени испити кај професори кои имаат објавено повеќе од два меѓународни труда во меѓународни списанија од базата на Томсон Ројтерс (Web Of Science) со име и презиме на професорот и предметот.

Шпреса Хадри од ДУИ праша зошто еден студент кој дипломирал со 9.5 треба да биде виновен ако неговиот професор немал објавен научен труд во таа база и побара оваа одредба да се поправи амандмански за следната, втора фаза на Предлог-законот.

Претседателката на Комисијата Олга Најденовска се согласи дека во второто читање на Предлогот има простор за амандманско решавање со што, како што рече, ќе се исправат некои технички недоследности.

Таа посочи и дека бројот 100 вработувања не е случаен и избран зашто е заокружен, туку дека е одреден согласно со заклучоците од направената анализа за потребите на институциите од нов кадар.