Предлогот за промена на Уставот заглавен во архива

Доцна синоќа пристигна предлогот за измена на Уставот кој вчера помина на вонредната седница на Владата на Република Македонија. Од Собранието велат дека сé уште не се знае кога би се одржала комисиска расправа.

Од кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери велат дека седница на Комисијата и пленарна седница ќе бидат закажани веднаш штом предлогот пристигне во архивата на парламентот. Според Деловникот, Комисијата за уставни прашања, чиј претседател е спикерот Талат Џафери, може да расправа десет дена.

Додавање на придавката Северна во уставното име на државата – Република Македонија; Измени во Преамбулата на Уставот, односно при наведување на државно-правните традиции ќе се внесе повикување на првото заседание на АСНОМ со конститутивни одлуки, според толкувањето од владата одделно ќе се именуваат сите одлуки на АСНОМ; Поцврста гаранција за границата – трајност на границите и суверенитетот; Грижа за Македонците и дијаспората во странство, без мешање во суверените права на други држави, се наводно четирите „суштински измени“ на Уставот на Република Македонија, со цел усогласување со текстот на договорот со Грција. Првата е додавање на придавка во името на државата. Според предлогот, придавката „Северна“ ќе стои секаде во Уставот каде што се спомнува Република Македонија.

Уставниот амандман со кој името на државата од Македонија ќе биде променето во Северна Македонија во обидот да се задоволат ветувањата што ги дал премиерот Зоран Заев, да се решава во Собранието доаѓа откако пропадна референдумот поради недоволниот одѕив на граѓаните. Инсистирањето по секоја цена да се добие позитивен исход на потпишаното од Заев по само десет дена по пропаднатиот референдум, кој сега се толкува дека бил само консултативен но со огромно мнозинство кое го поддржало договорот со Грција само покажува дека македонскиот премиер се ставил во залог и за да го исплати своето доаѓање на власт сега му се потребни 12 гласови. Или, како што се закани, ќе распише избори.

Бидејќи владиниот портпарол не сакаше, или и нему не му е баш најјасно, да одговори дали Владата успеала да ги убеди пратениците кои недостасуваат за двотретинско мнозинство за уставни измени. Следен чекор е расправа која деловнички трае десет дена, по што ќе биде јасно дали владејачкото мнозинство успеало да ги обезбеди двотретинско мнозинто, односно 80 пратеници кои ќе ги поддржат нејзините предлози.

Иако, се правата спинови преку социјалните мрежи и одредени медиуми, во вторникот е многу јасно дека таквото мнозинство засега не е обезбедено, но продолжуваат преговорите со опозициските пратеници. Од наjголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ упорно истакнуваат дека не отстапуваат од претходните ставови дека нема да поддржат промени на Уставот.

Како и во случајот од 27-ми април лани, кога не додржаа од познати причини кога Зоран Заев и неговите партнери целосно спротивно од Деловникот и собраниските процедури, без точката да биде ставена на дискутирање и гласање, поставија измислен претседател на Собранието, многу очекувано е дека и сега кога е во залог позицијата на безрезервно исполнетелниот но неефикасен премиер, власта ќе посегне по чекори кои всушност ќе ја суспендира демократијата. Имено, една од верзиите коишто се во опција, е бидејки судските рочишта се закажани за утре и за следниот вторник, 16-ти октомври, во Собранието да се гласа, и притоа на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе бидат според досегашната практика цел ден во судот, да им биде одземен мандатот и притоа да се искористи вакуумот, и така да се направи обид да се стаса до двотретинскот мнозинство коешто ќе ги донесат уставните измени без расправа. Според ова сценарио, тоа веднаш ќе биде поздравено со изјави од Брисел и Берлин, што всушност треба да претставува и сигнал за завршениот чин на фарсата наречена увезена македонска демократија.

Суспендирањето на демократијата во Македонија, веднаш го поттикна и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, кој во интервју за австриски Стандард вели дека е „запознаен со закани од страна на опозицијата против пратеници кои сакаат да ја напуштат партиската линија и да го поддржат Договорот со Грција во Собранието“. Едноставно непримерно и неприфатливо е за вака високопозициониран функционер е да испраќа вакви закани, а притоа да не конкретизира кој тоа ги прави наводните притисоци и кои се тие пратеници врз кои се вршат притисоци. Ако за ништо друго, барем да знае јавноста кого да жигоса. Но тоа е европската ралност, во стравот од налетот на суверенистичката струја којашто го загрозува идеолошки обизличениот политички естаблишмент на континентот претворен во обична лобистичка алатка.

Хан, притоа, не се либи и од директна закана кон ВМРО-ДПМНЕ, без да има усет дека станува збор за речиси половина милион луѓе коишто гласаат за или ги подржуваат ставовите на партијата, и бара да се откаже од како што тој проценува „деструктивниот пристап, и интересите на земјата и граѓаните да ги стави пред партиските“ и во заканата додава дека „партијата целосно ќе ја сноси одговорноста за затворањето на вратите на ЕУ за Македонија“, ако не помине Договорот.