Предлогот за видео надзор се однесува само за процесите кои не може да се дигитализираат, велат од Владата

Предлогот за поставување на видео надзор и боди камери не се однесува на целата администрација, туку за службениците коишто вршат контрола, надзор и посебни овластувања особено во процесите коишто не можат да се дигитализираат и вклучуваат неопходно учество на човечкиот фактор, појасни на денешната прес-конференција портпаролот на Владата, Душко Арсовски.

Овој предлог, нагласи Арсовски, во наредниот период детално ќе се истражи и анализира од аспект на негова имплементација, опфатот на службениците, обезбедувањето на сигурноста и приватноста на граѓаните, како и техничките и законските можности.

– Дигиталната трансформација на процесите е врвен приоритет на Владата како клучен механизам за сузбивање на корупцијата и за брзи и ефикасни услуги кон граѓаните за институциите коишто се токму во служба на граѓаните. Работна група веќе работи на подготовка на измените и дополнувањата на потребните закони за дигитална трансформација – изјави Арсовски.

Сите измени и дополнувања на потребните закони за дигитализација, посочи Арсовски, ќе бидат подготвени и доставени до Собранието до крајот на август.