Предлозите од јавната расправа за законот за ЈО утре пред работната група

Нова средба на работната група за Предлог – законот за јавно обвинителство на која ќе присуствуваат претставници на сите пратенички групи ќе се одржи утре, најави министерката за правда Рената Дескоска.

„Во петок во 11 часот ќе се одржи средба на работната група со сите пратенички групи со цел да усогласиме текст кој ќе влезе во собраниска процедура“, напиша на фејсбук министерката Дескоска.

Предлозите за номотехничко уредување на текстот ќе бидат испратени до работната група која го подготви Предлог – законот за Јавното обвинителство, но и до Секретаријатот за Законодавство која е надлежна институција по ова прашање.

Според Дескоска, овој Предлог – закон подразбира градење на силно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кој покрај тековните надлежности што ги има, ќе ги преземе и случаите коишто ги водеше СЈО.

Дескоска истакна дека во текот на дводневната стручна расправа во собраниската Комисија за политички систем биле изнесени неколку естрадни тврдења дека има неуставност во овој концепт, што според министерката е апсолутно неточно бидејќи концептот со зајакнати надлежности на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постои и во други земји.

Според Дескоска, добро е што и пратениците биле дел од јавната расправа и можеле да направат проценка кои ставови се аргументирани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.