Предупредување за нови симптоми и начини на пренесување на коронавирусот

Новиот сој на коронавирусот се пренесува првенствено преку капки во воздухот, но може да се пренесе и преку директен контакт со валкани раце, предупреди во вторникот Ли Синван, член на експертската група на кинеската Национална комисија за здравство.

„Сите задолжително треба да носат маска, да ги намалат блиските контакти, во моментов ткн блиско растојание на кое може да се пренесе заразата се смета 1 до 2 метри или 1,5 метри (…) Во раната фаза болеста се манифестира со симптоми како што се зголемена температура, слабост и сува кашлица. Кај сериозно болните пациенти настапуваат тешкотии во дишењето, проблемите на респирторниот тракт можат да се влошат доколку има и други заболувања“, појаснува специјалистот за заразни болести.

Според Синван, во последните денови сѐ почести се случаите на лесна форма на болеста, кај некои пациенти дури и не доаѓа до воспаление на белите дробови, само малку зголемена температура и ретко сува кашлица.

„Сѐ уште има пациенти кај кои зголемувањето на телесната температура е незабележително, понекогаш се јавува сува кашлица или општа слабост, а се откриени затоа што самите се јавиле на преглед. Таквите пациенти, од гледна точка на обрасците на заразните заболувања, до одреден степе се исто така носители на вирусот, што создава одредени потешкотии во напорите да се спречи епидемијата“, додава Синван.

Третманот на пациент заразен со новиот сој коронавирус 2019-nCoV трае околу една седмица доколку болеста е во лесна форма, а во потешките случаи две седмици или повеќе.