Предвремени избори во Грција?

121

Заменик премиерот и лидер на помалиот коалициски партнер ПАСОК во грчката Влада денеска предизвика „бура“ во политичките кругови во Атина откако очигледно укажа на можни предвремени избори.

Венизелос оваа информација ја кажа во Базел, Швајцарија, каде присуствува на конференција на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, јави дописникот на МИА од Атина.

Осврнувајќи се на застојот во преговорите со тројката во текот на последната ревизија на програмата за финансиска помош Венизелос рече дека „потребните гаранции ќе бидат дадени, под услов тоа да е волјата на народот“.

За грчките аналитичари оваа изјава остава отворена можност за предвремени избори.

Во својот говор, Венизелос рече дека причината зошто партнерите на Грција имаат резервираност во одлуката дали земјата да ја остават без строг надзор, очигледно е длабоко политичка. Според него, „кога постои опозиција која предлага нешта што можат да доведат до излетување од шините, не на Европа, туку на Грција, и да доведат до губење на она што е постигнато за само неколку дена, логично да постои резервираност и цементирање на ставот со цел да се добијат неопходните гаранции“.

– Потребни гаранции ќе бидат дадени, под услов тоа да е волјата на народот. Со оглед на тоа што дејствуваме во име на грчкиот народ и мора да имаме моќ, мора да имаме домашна поддршка со цел да се наметне вистината. Вистината вели дека Грција ги исполнува сите барања што и овозможува да излезете од програмата, од Меморандумот и тројката, и да премине во една нова ера на сериозност, одговорност и компатибилност со другите европски земји на еднаква основа, рече грчкиот вицепремиер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.