Предвремени избори заедно со претседателските се поизвесна опција

Предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со редовните парламентарни избори напролет се чинат се поизвесни.

Откако претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара распуштање на парламентот и распишување на вонредни избори од владејачката СДСМ стигнуваат сигнали дека ќе ја прифатат “фрлената ракавица“.

Потпретседателот на СДСМ и министер за информатичко општество и јавна администрација, Дамјан Манчевски вчера при гостување на телевизија 24 не ја отфрли можност за одржување на предвремени избори.

„Избори секако ќе има и не мислам дека премногу ќе игра големо влијание на реформските процеси дали се двојни избори или се работи само за претседателски избори. Сепак, гласот на граѓаните е оној што сакаме да го слушнеме, во однос на тоа дали се заситени од толку чести избори или можеби тоа е добра идеја за да имаме полесен начин на спроведување на реформите понатака“, рече министерот Манчевски при синоќешната телевизиска дебата.

Официјалната најава е дека конечната одлука за тоа дали ќе се оди на избори владејачката партија ќе ја донесе до крајот на месецов. Се очекува враќањето на Зоран Заев од зимување за да се закажат седници на Извршниот и Централниот одбор на партијата. Но, според неофицијални информации од СДСМ, мнозинството од партиското раководство се на ставот дека треба да се спроведат предвремени избори.

Мицковски и синоќа по средба со коалиционите партнери повика на предвремени избори. Според лидерот на ВМРО ДПМНЕ со тие избори би им се дало можност на граѓаните да се изјаснат не само за тоа кој да биде на власт туку и дали ја прифаќаат промената на името.

„Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмира и инсистира на организирање на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските избори бидејќи на тој начин граѓаните повторно ќе кажам тука не станува збор за власт, тука не станува збор за функции, тука не станува збор за политички кариери едноставно граѓаните да одлучат дали се „ЗА“ понижена и омаловажена Северна Македонија или се „ЗА“ горда и достоинствена Република Македонија“, вели Мицковски.

Инаку, двете партии тврдат дека имаат поголема поддршка од граѓаните според анкетите спроведени во изминатиот период. Во СДСМ се убедени дека доколку се оди на избори ќе го зголемат број на пратеници во Собранието. Но, експертите велат дека последните потези на власта со стапувањето на Законот за јазици, а особено со уставните измени со кои се направи промена на името на државата ќе земат голем данок врз рејтингот на владејачката партија и нејзиниот лидерот Зоран Заев.