„Консензуалниот“ претседател на СДСМ и ДУИ назад во игра

Владините коалициони партнери, Зоран Заев и Али Ахмети го враќаат во игра концептот на „консензуален кандидат“ за претседател. Од СДСМ и ДУИ најавија интензивирање на разговорите меѓу двајцата лидерите откако синоќа владејачката партија донесе одлука дека нема да го прифати предизвикот на опозицијата за предвремени парламентарни избори заедно со претседателските напролет.

На синоќешната седница Извршниот одбор на СДСМ го овластил Заев да влезе во разговори со сите политички субјекти во земјава за да застанат зад еден заеднички кандидат на изборите за шеф на државата.

Денеска пак, пратеникот на ДУИ, Артан Груби најави интензивни разговори меѓу Заев и Ахмети во деновите што следат со цел да се најде кандидат којшто ќе биде прифатлив за двете страни, а ќе има шанси да добие поддршка од мнозинството граѓани.

„Имаше разговори на линија Ахмети-Заев, но деталите допрва ќе се договараат. Не е важно дали ќе биде маж или жена, ниту политичка или етничка припадност. Важно е да биде прифатлив за сите“,вели Груби.

Интегративците не откриваат имиња на потенцијалниот кандидати. Груби не одговори ниту дали некој од кандидатите во СДСМ кои се споменуваат во јавност, како Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, се прифатливи за нив.

Познато е дека ДУИ како прифатливи кандидати ги нудеше професорот Денко Малевски, академик Луан Старова, Имер Селмани и неколку други имиња.