Префрлени пари на „Бехтел и Енка“, потврди премиерот Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски денеска потврди дека Владата го задолжила Министерството за транспорт и врски да ги префрли парите на изведувачот на коридорите 8 и 10 Д, „Бехтел и Енка“. Премиерот тврди дека сè е во согласност со потпишаниот договор и не се работи за пенали.

– Во согласност со Законот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10Д и во согласност со потпишаниот договор врз основа на тој закон, Владата го задолжи Министерството за транспорт и врски да ги почне сите потребни процедури за почеток на активностите за проектирање и ангажирање на сите потребни ресурси потребни за почнување на работите и секако за правење на трансакциите на финансиските средства, кои се во согласност со договорот за отпочнување на работите. Не постојат пенали, тоа се лаги на опозицијата, кои од ден на ден гледате дека се правење хистерија, исто како што правеа хистерија од влегувањето во НАТО, исто како што правеа хистерија за почнувањето преговори со Европската Унија. Исто така прават и за почнувањето на работите на Коридорот 8, ништо друго не прават – рече Ковачевски.

Дека веќе почнало плаќањето кон американско-турскиот конзорциум, потврди и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми. Не кажа колкава сума веќе е префрлена, но и тој и премиерот нагласија дека трансакциите се прават според програма, која веќе е објавена во „Службен весник“.

– Кога компаниите почнуваат со работа, вршиме авансно плаќање за мобилизирање на компанијата што ќе врши градење, но и за сите други трошоци. Сѐ е според договорот со „Бехтел и Енка“ и според програмата што е помината на Влада за плаќање на сите тие средства. Ние ги почитуваме договорот и програмата на Владата, бидејќи тие средства се буџетски средства и сме во тек да ги реализираме сите тие трансакции што произлегуваат од договорот – изјави денеска Рустеми.

Премиерот потсети дека договорот со „Бехтел и Енка“ ќе биде презентиран пред пратениците во Собранието, кои имаат соодветни безбедносни сертификати, тогаш кога претседателот Талат Џафери ќе одреди кога тим од Владата да дојде во парламентот.

За овој проект, државата од Буџетот ќе одвои над 1,3 милијарди евра. За годинава веќе се одобрени 243 милиони евра преку Буџетот на Министерството за транспорт и врски. Предвидена е изградба на автопатските делници: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри) Гостивар – Букојчани (30,1 километар), Тетово – Гостивар (27 километри) на Коридорот 8 и делницата Прилеп – Битола (43,4 километри) од Коридорот 10Д. Според најавите, годишно ќе се градат просечно по 25 километри, а километар ќе чини 12 милиони евра.