Најголемото изненадување на шестиот натпреварувачки ден на Австралија Опен го приреди 20-годишната руска квалификантка Марија Тимофејева (ВТА – 170-та), која ја победи 12. рангираната тенисерка во светот, 27-годишната Бразилка Беатриц Хадад Маија, 7-6 (7), 6-3 ланската полуфиналистка на Ролан Гарос.
Тимофеева е дебитантка во главниот жреб на Грен слем турнирите, а до 3. коло стигна преку две играчи со покани, Французинката Ализе Корне и поранешната победничка на Австралија Опен, Данката Каролине Вознијацки.
Таа го започна мечот со Хадад Маија откако ги загуби првите три гема, но многу брзо се опорави и го доби првиот дел во тај-брејкот по одбранета сет-топка. Русинката којашто престојува во Минхен поведе со 5-1 во вториот сет, а петтата меч поен ја претвори во најголема победа откако како квалификант стана победничка на ВТА турнирот во Будимпешта минатиот јули.
Следна противничка ќе и биде 21-годишната Украинка Марта Костјук (ВТА – 37.), која ја победи Русинката Елина Аванесјан со 2-6, 6-4, 6-4 и како и обично одби да се ракува по мечот. Истото го направи и Лесија Чуренко, која загуби без да освои ниту еден гем (6-0, 6-0) од втората тенисерка во светот и бранител на титулата, Белорусинката Арина Сабаленко.
Како и Сабаленка, убедлива беше и актуелната победничка на УС Опен, Коко Гоф, која во американскиот дуел ја победи 23-годишната Алисија Паркс (ВТА – 82.) со 6-0, 6-2.
Највозбудливиот натпревар во петокот го одиграа 16-годишната Мира Андреева (ВТА – 47.) и 21-годишната Французинка Дајан Пари (ВТА – 72.), во која Русинката успеа да надополни негатива од 1-5 во третиот сет, а спаси една меч-топка и на крајот победи со 1-6, 6-1, 7-6 (10-5). Андреева на тој начин вторпат во кариерата стигна до осминафиналето на Грен-слем турнирите, откако сензационално тоа го направи првпат на минатогодишниот Вимблдон.
Во петокот во машката конкуренција немаше сензации. Новак Ѓоковиќ го одигра својот 100-ти меч на Австралија Опен и покрај добриот отпор на Аргентинецот Томаш Мартин Ечевери, ја извојува 92-та победа во Мелбурн во три сета со 6-3, 6-3, 7-6 (2).
Четвртиот носител Италијанецот Јаник Синер и 7-от Грк Стефанос Циципас беа многу убедливи. Синер го победи Аргентинецот Себастијан Баез (АТП – 29.) со 6-0, 6-1, 6-3, а Циципас беше подобар од Французинот Лука ван Аше (АТП – 6-3, 6-0, 6-4 79.). Русинот Карен Хачанов (АТП – 15.) го чека Синер во осминафиналето, а Циципас ќе има тежок противник во Американецот Тејлор Фриц (АТП – 12.).