Преглед Лига на нациите: „Шестка“ на Белгија, втора победа на Холандија

Фудбалската селекција на Белгија во натпреварот од второ коло од Групата 4 на елитната класа од Лигата на нациите ја декласираше Полска со 6:1, откако во првото коло на домашен терен со 1:4 беше поразена од Холандија.

Полска поведе во 28 минута преку моментално најдобриот светски голгетер Роберт Левандовски, но Белгија возврати со шест голови во низа. Во 42 минута израмни Аксел Воитсле, а во продолжение гостите беа „демонтирани“ со пет голови преку Кевин Де Брујне во 59, Леонардо Тросар во 73 и 80, Леандер Дендонкер во 83 и Луј Опенда во третата минута од судиското продолжение на мечот.

Во вториот дуел од оваа група Холандија во Кардиф со 2:1 го победи домашниот Велс, впишувајќи ја втората победа во групата. Интересно е што холандскиот селектор Луј ван Гал ги промени сите 11 играчи кои стартуваа на дуелот со Белгија.

Теун Коопмеинерс ги доведе Холанѓаните во водство во 50 минута, но израмни Рус Норингтон-Дејвис во втората минута од судиското продолжение на мечот, но гостите по 90 секунди го постигнаа вториот и победнички погодок преку Вут Вегхорст. Холандија во овој натпревар ја продолжи низата без порази на 11 натпревари.

Холандија води на табелата со шест бодови, Белгија и Полска имаат по три бода, а Валс кој по 64 години чекање минатата седмица избори пласман на мундијал е последен со два пораза.

 

Во втората дивизија според силата, беа одиграни натпревари во Групата 1, Шкотска и Украина, кои играа во финалната група во плејофот за пласман на Светското првенство во Катар од која победник беше Велс, ги забележаа првите победи.

Шкотска ја победи Ерменија со 2:оо, со головите на Ралстон во 28 и Меккена 40 минута, додека Украина во Даблин славеше со 1:0 против Ирска за стрелец беше Циганков во 48 минута.

Шкотска, Украина и Ерменија имаат по три бода, а Ирска од два натпревара нема бодови.