Преглед ЛШ: Аталанта испушти два гола предност во Манчестер, за Барса прва победа

Каталонскиот великан дури во третиот натпревар сезонава ја оствари првата победа во третото коло од Лигата на шампионите откако во средата дома со минимални 1:0 го победи киевски Динамо, а Аталанта на „Олд Трафорд“ водството од 2:0 дозволи да стане пораз од 2:3 од Манчестер Јунајтед.

Во Групата Ф, во дуелот на „Театарот на сништата“ никој не можеше да се надева на крајниот резултат, откако италијанскиот претставник по првото полувреме водеше со 2:0. Во 15 минута Марио Пашалиќ се најде на вистинското место и од близина го совлада домашниот голман Де Хеа за водство на Аталанта која во тој период континуирано добрата игра ја круниса во 29 минута со удвојување на водството преку Мерих Демирал.

Меѓутоа, работите на теренот почнаа драстично да се менуваат многу брзо по почетокот на вториот дел, односно во 53 минута кога Маркус Рашфорд намали на 1:2. Јунајтед започна со напади во бранови, а Аталанта ја спасуваа стативите и голманот Мусо, но сепак не можеше и докрај да се одбрани. Прво во 71 минута израмни Хари Мегваер а во 81 минута изникна Кристијано Роналдо носејќи го целосниот пресврт.

Во истата група Вилјареал беше убедлив со 4:1 на гости кај швајцарски Јанг Бојс. Гостите веќе во првите 15-ина минути имаа водство од 2:0 остварено преку Жереми Пињо во 6 и Жерард Морено во 16 минута. Во вториот дел домашните намалија во 77 минута преку Мешчак Елиа, но шпанскиот претставник во самиот финиш преку Алберт Морено во 88 и Самуел Чуквуезе во вторта минута од судиското продолжение дојдоа до високата победа.

По ова коло во оваа група Манчестер Јунајтед со 6 бодови ја прескокна Аталанта која остана на 4 бодови, колку што сега има и Вилјареал, додека Јанг Бојс има 3 бода.

 

Во Групата Х актуелниот европски шампион Челзи многу лесно како домаќин со 4:0 го совлада шведски Малме, со по два погодока во секое полувреме. Двапати од белата точка прецизен беше Жоргињо, во 21 и 57 минута, резултатот го отвори голот на Андреас Кристинсен веќе во 9 минута а го заокружи Каи Хаверц во 48 минтуа.

Во вториот дуел од групата шведскиот репрезентативец од македонско потекло Дејан Кулушевски со погодокот во 86 минута му овозможи важна победа на Јувентус на гостувањето кај Зенит во Санкт Петербург.

Јувнтус е максимален со три победи и со 9 бодови е прв на мини-табелата, Челзи има 6 а Зенит 3, додека Малме е без бодови.

 

Во Групата Г во раните претпладневни натпревари Ред Бул Салцбург дома го совлада Волфсбург со 3:1, со што австрискиот превак дојде до втората победа, а има и едно реми – она со Севилја.

Натпреварот мина во жестока пресметка, а особено на почетокот. Во 3 минута Салцбург поведе со голот на Карим Адејеми, но веќе во 15 минута Лукас Нмеча израмни за Волфсбург. Се редеа шансии пред двата гола, но во таквата игра РБ Салцбург сепак беше подобар и тоа го ефектуираше во второто полувреме со двата погодока на Ноа Окафор во 65 и 77 минута.

Во Лил домашниот француски претставник и Севилја одиграа без победник, но и без голови, и тоа е третото реми за шпанскиот претставник досега во групната фаза.

Во изедначената по квалитетот на екипите група Г во водство е РБ Салцбург со 7 бодови, Севилја има три а Лил и Волфсбург по два бода.

 

Во Групата Е, Барселона по двата воведни пораза и гол-разликата 0:6, со тешка мака го совлада киевски Динамо на својот „Камп Ноу“ со 1:0. Барса доминираше но во моментите кога нејзините играчи требаа да создаваат шанси правеа нелогични и несфатливи потези, а решавачкиот погодок го постигна најискусниот играч на домашните Жерар Пике кој беше прецизен во 36 минута.

Минхенски Баерн во Лисабон долго го кршеше отпорот на борбената и на моменти опасна Бенфика. По двете стативи и двата поништени погодока поради минимален офсајд и игра со рака, мрежата на домашните ја затресе прво Лерој Сане во 70 минута а откако во 80 минута автогол постигна само четири минути претходно влезениот во игра Бразилец Еверотн Соареш, играта на Бенфика целосно се распадна. Баварците тоа го искористија во својот стил да го дотолчат противникот со голот на Роберт Левандовски во 82 и вториот погодок на мечот на Сане во 82 минута.

Баерн ги има сите 9 бодови, а Бенфика остана на 4 бодови, Барселона го напушти последното место со три бода, а Динамо Киев кој сѐ уште нема постигнато погодоко е последен со бодот од ремито со Бенфика.