Преглед ЛШ: Баерн лесно со Атлетико, победи на Ливерпул, Сити и Аталанта

Актуелниот европски фудбалски шампион минхенски Баерн импресивно тргна во одбраната на титулата со уверливите 4:0 против Атлетико Мадрид во средата вечерта во првото коло од фазата по групи во новото издание на Лигата на шампионите.

Победи остварија и Ливерпул кој со 1:0 го порази Ајакс, Аталанта која во Данска го декласираше Мидтјиланд со 4:0, како и Манчестер Сити кој успеа да го скрши отпорот на Порто со 3:1.

 

Баерн доминираше во текот на целиот натпревар и потполно го надигра Атлетико. Головите за германскиот претставник ги постигнаа Коман во 28 и 72, Горетцка во 41 и Толисо во 66 минута.

Во претходно одиграниот натпревар од истата Група А, РБ Салцбург и московски Локомотив одиграа 2:2.

Гостите поведоа во 19 минута кога Антон Миранчук нафрли од корнер, Рифат Замалетдинов со глава префрли до Едер кој ја погоди домашната мрежа. Израмни Доминик Собослаи во последните моменти од првото полувреме, со фантастичен удар откосо од работ на казнениот простор во десниот горен агол. Салцбург поведе во 50 минута преку Злато Јунузовиќ. Но 15 минути пред крајот гостите израмнија со голот на Виталиј Лисакович.

 

Изненадувањето на колото се случи во Мадрид во рамките на Групата Б, каде што Шахтјор од Донецк, иако без седум првотимци заразени со коронавирусот го совлада Реал со 3:2,

Шахтјор можеше да дојде до водство во 15 минута, кога Марлос изби сам пред Куртоа, но голманот на Реал одлично одбрани. Но во 29 минута белгискиот голман не можеше да спречи погодок кога Корниенко одлично мина низ домашната одбрана и му асистираше на Тете кој од 15 метри погоди за водство на гостите. Само четири минути Шахтјор го удвои водството. Тете одлично шутираше. Куртоа одбрани а Варан пред Дентињо ја спроведе топката во сопствената мрежа. Неверојатното полувреме на Шахтјор го заокружи Соломон во 42 минута по одличната акција кога играше со Тете, а овој со петица му ја врати топката на 21-годишниот израелски репрезентативец кој беше прецизен за 3:0.

Три гола во првото полувреме на домашен терен во Лигата на шампионите, Реал Мадрид последен пат прими пред 20 години против Баерн Минхен.

Реал намали во 54 минута со одличниот удар на Лука Модриќ кој погоди од повеќе од 25 метри. Со овој гол Хрватот се впиша во историјата на „Кралскиот клуб“ како само четвртиот играч во Купот/Лигата на шампионите кој бил стрелец со 35 или повеќе години. Пред него тоа им успеало на великаните Алфредо Ди Стефано, Ференц Пушкаш и Франциско Пако Генто. Само пет минути по голот на Модриќ, на 2:3 намали Винисиус Жуниор само 15 секунди откако влезе во игра. Само што истрча на игралиштето, тој им ја украде топката на Украинците и се спушти кон противничкиот гол и реализираше. До крајот на мечот Реал бркаше израмнување, но не успеа. Во втората минута од судиското продолжение Федерико Валверде постигна погодок, но тој беше дополнително беше поништен поради недозволена позиција

Во вториот натпревар од истата група Интер и Борусија Менхенгладбах одиграа во Милано без победник 2:2, а сите четири погодоци беа постигнати во вториот дел.

„Нераѕурите“ поведоа во 49 минута со голот на Ромелу Лукаку, а израмни Бенсебаини во 63 минута од пенал. Германскиот тим поведе во 84 минута со голот на Хофман, но сепак во последните моменти од мечот Лукаку со својот втор погодок на дуелот избори бод за Интер.

 

Во Групата Ц Манчестер Сити го совлада Порто со 3:1, откако гостите поведоа со 1:0, со голот на Луис Диа во 14 минута. Но „Граѓаните“ успеаја да направат пресврт, прво во 20 минута од пенал израмни Серхио Агуеро, а Гундоган во 65 и Феран Торес во 73 минута го постави крајниот резултат.

Средбата во Пиреа, меѓу Олимпијакос и Олимпик Марсеј во полза на домашните ја реши голот на Ахмед Хасан постигнат во судиското продолжение.

 

Во Групата Д, пак, фаворитите Ливерпул и Аталанта забележаа гостински победи.

Средбатата во Амстердам заврши со минимална победа на Ливерпул за која придонесе автоголот на одбранбениот играч на Ајакс, Таљафико во 35 минута.

Аталанта дилемите околу победникот на гостувањето во Данска ги реши уште во првото полувреме кога поведе со 3:0. Стрелци беа Запата во 26, Гомез во 36 и Муриел во 42 минута, а во вториот дел супериорноста на Италијанците над домашниот Мидтјиланд ја потврди Миранчук со погодокот во 89 минута.

 

Во вторникот беа одиграни натпреварите од првото коло во групите од Е до Х.

Во Групата Е во Лондон Челзи и Севилја одиграа без головои, а Рен и Краснодар, исто така, ремизираа со 1:1.

Во Групата Ф во Рим Лацио ја совлада Борусија Дортмунд со 3:1, додека Клуб Бриж во Санкт Петербург го изненади Зените поразувајќи го со 2:1.

Во Групата Г, фаворитите Барселона и Јувентус очекувано стартуваа со победи. Барса на „Камп Ноу“ го победи унгарски Ференцварош со 5:2, додека Јуве во Киев беше подобар од Динамо со 2:0.

Во Групата Х на парискиот „Парк на принцовите“ Манчестер Јунајтед со 2:1 беше подобар од ПСЖ, додека РБ Лајпциг го победи Истанбул Башакшехир со 2:0.