Преглед ЛШ: Барселона направи пресврт против Интер, Ливерпул подобар во голеадата со Салцбург

Во дербито на вечерта од второт коло на фудбалската Лига на шампионите, Барселона на својот „Камп Ноу“ го победи Интер со 2:1, правејќи пресврт во второто полувреме, додека Ливерпул во „убавицата на вечерта“ на својот „Енфилд“ го победи РБ Салцбург со 4:3.

Интер уште на самиот почеток ја изненади несигурната од почетокот на сезонава Барселона и веќе во 2 минута Лаутаро Мартинез, по грешката на Бускетс на средината на теренот му побегна на Ленгле и стрелаше за водство. Мартинез имаше одлична можност да го удвои водството на гостите во 37 минута, но неговиот удар со глава фантастично го запре Мар-Андре Тер-Штеген. Откако во првиот дел Интер беше подобриот противник, во второто полувреме Барселона влезе поагресивно и во 58 минута израмни со одличниот волеј удар на Луис Суарез од 16-ина метри. Уругваецот во 84 минута по проигрувањето од Лионел Меси одлично во првиот контакт со топката го измами Годин и пласираше под Самир Хандановиќ за водство од 2:1, што беше и крајниот резултат.

Во истата Група Ф, Борусија Дортмунд на гостувањето ја победи прашка Славија со 2:0. Главен играч на „Милионерите“ на овој меч беше двојниот стрелец Ашраф Хаким кој погоди во 35 и 89 минута. Мароканскиот бек, кој во Дортмунд стаса во јули минатата година на двегодишна позајмица од Реал Мадирд, двата погодока ги постигна по брзи контра-напади.

На табелата Борусија и Барслона имаат по четири бода, додека Славија и Интер имаат по еден.

Во Групата Е, актуелниот европски шампион Ливерпул имаше водство од 3:0, РБ Салцбург успеа да израмни, но на крајот австрискиот тим немаше сила и среќа за изненадување и потклекна на „Енфилд“. Домашните веќе во 36 минута водеа со 3:0, со головите на Мане во 9, Робертсон во 25 и Салах во 36 минута и се чинеше дека Салцбург е пред катастрофа. Но Хе-Чан во 39 минута намали а во второто полувреме Минамино во 56 и Хааланд во 66 го шокираа гледалиштето. Но радоста на гостите кусо траеше, бидејќи во следната минута Салах го врати водството кај англискиот тим.

Во вториот меч од групата Генк и Наполи, за кој како стартер цел час одигра македонскиот репрезентативец Елиф Елмаз, играа без голови. Наполитанците во првото полувреме дури трипати ја погодија стативата на противиничкиот гол, двапати Аркадиуш Милик а еднаш Хозе Каљехон.

На табелата од Групата Е Наполи води со четири бода, Ливерпул и РБ Салцбург имаат по три бода, а Генк еден.

Во Групата Х, Челзи на гостувањето го победи Лил со 2:1. „Сините“ поведоа во 22 минута преку Ејбрахам, а израмни Осимен во 33 минута. Челзи до победата стаса со убавиот погодок на Вилиан во 78 минута.

Ајакс на „Местаља“ со 3:0 ја победи домашната Валенсија. Холандскиот тим поведе во 8 минута со фантастичниот гол на Зијех, а Валенсија можеше да израмни во 25 минута, но Дани Парехо не реализираше пенал. Казната стаса во 34 минута, кога Промес го удвои водството на гостите, а прашањето на победникот го реши Ван де Беек во 67 минута.

На табелата води Ајакс со шест бодови, Валенсија и Челзи имаат по три бода, а Лил е без бодови.

Во Групата Г Зенит во Санкт Петербург беше убедлив со 3:1 против Бенфика. Победа за рускиот тим донесоа Дзјуба во 22, Рубен Дијас со автогол во 70 и Азмоун во 78 минута, додека почесниот гол за Португалците го постигна Де Томас во 85 минута.

Во вториот меч Лион како гостин го совлада РБ Лајпциг со 2:0, а стрелци беа Депаи во 11 и Тереиро во 65 минут.

На табелата Зенит и Лион имаат по четири бода, РБ Лајпциг остана со три бода, а Бенфика во двете кола не освои ниеден бод.