Преглед ЛШ: Реми на Челзи, победа на Реал и пресврт на Сити

По поразот од загрепски Динамо во првото коло, Челзи во второто коло од Групата Е на фудбалската Лига на шампионите на својот „Стенфорд Бриџ“ одиграа само 1:1 против РБ Салцбург, актуелниот првак Реал Мадрид со 2:0 го совлада РБ Лајпциг, додека Манчестер Сити со пресврт дојде до победата против Борусија Дортмунд.

По сензационалниот пораз на загрепскиот стадион „Максимир“, лондонските „Сини“ киксираа и на своето игралиште одигрувајќи 1:1 против австриски РБ Салцбург. Челзи доминираше во поголемиот дел од натпреварот, имаше и водство и многу повеќе шанси, но противникот извлече бод.

Челзи поведе во 48 минута со голот на Рахим Стерлинг на асистенција на Мејсон Маунт, но австрискиот првак успеа да израмни во 74 минута со голот на Ноа Окафор кој беше стрелец и во Милано во првото коло. Погодокот на РБ Салцбург паѓа на товар на Тиаго Силва кој лошо реагираше и му дозволи на Жуниор Адам да му ја украде топката, а потоа и да асистира за голот.

Во првиот меч од оваа група Милан на „Сан Сиро“ го победи Динамо со 3:1. Стрелци за Милан беа Оливие Жиру во 45 минута од пенал, Алексис Салемакерс во 47 и Тобасо Побега во 77 минута, додека погодокот за загрепскиот тим го постигна Мислав Оршиќ во 56 минута.

На табелата води Милан со четири бодови, Динамо има три, Салцбург е со два, а Челзи само еден бод.

 

Актуелниот победник во Лигата на шампионите, мадридски Реал победи во средбата од Групата Ф против РБ Лајпциг со 2:0.

Гостите од Бундеслигата се држеа добро до 80 минута, но потоа примија два погодока. „Кралевите“ во водство ги доведе Федерико Валверде во 80 минута по асистенција од Венисиус Жуниор, а победата на Реал ја завери Марко Асенсио во судиското продолжение.

Во вториот натпревар од оваа група украински Шахтјар и шкотски Селтик ремизираа 1:1 во Варшава. Во 10 минута хрватскиот репрезентативец Јосип Јурановиќ ја исфрли топката длабоко на противничката половина каде следеше акцијата на Селтик во која автогол постигна Бондаренко. Шахтјар до бодот дојде со голот на Мудрик во 29 минута.

На табелата води Реал со шест бодови, Шахтјар има четири, Селтик има бод а РБ Лајпциг го впиша и вториот пораз.

 

Во Групата Г, Манчестер Сити со пресврт дојде до победата од 2:1 над Борусија Дормунд. Гостите поведоа во 56 минута преку Џуд Белингам, но „Граѓаните“ во завршницата од мечот го направија резултатскиот пресврт. Израмни Џин Стоунс во 80 минута, а победата на Сити му ја донесе довчерашниот играч на „Милионерите“, Норвежанецот Ерлинг Халанд во 84 минута. Тоа е неговиот трети погодок во првите две кола, а веќе 13-ти откако 10 постигна во англиското првенство.

Дански Копенхаген и шпанска Севилја одиграа без голови.

На табелата води Манчестер Сити со шест бодови, Борусија Дортмунд има три, а Копенхаген и Севилја по еден бод.

 

Во Групата Х, Пари Сен Жермен на гостувањето рутински со 3:1 го совлада Макаби од Хаифа, додека Бенфика во Торино го изненади Јувентус со 2:1.

Израелскиот шампиони поведе во 24 минута со голот на Тјарон Чери, а израмни Лионел Меси во 37 минута. Домашните одолеваа на нападите на „Светците“ до 69 минута, кога Меси му асистираше на Килиан Мбпапе за 2:1, а дилемите ако ги имаше воопшто ги разреши во 88 минута Нејмар.

По серијата лоши резултати, Јувентус добро го отвори мечот со Бенфика, и веќе во 4 минута водството го донесе Аркадиуш Милик. Но во самиот финиш на првиот дел од пенал израмни Жоао Марио. Гостите го направија пресвртот во 55 минута преку Давиде Нереш.

Во оваа група ПСЖ и Бенфика имаат по шест бодови, а Јувентус и Макаби се без бодови.

 

Во одложениот меч од Групата А, Наполи во Галзгов го победи Ренџерс со 3:0. Се чини решавачкиот момент на мечот се случи во 55 минута кога домашниот тим остана без исклучениот Џејмс Сандс. Набрзо во 68 минута Наполи поведе од пенал кој ги реализираше Матео Пилитано, водството го удвои Џакомо Распадори во 85 минута а конечниот резултат беше дело на Тангуи Ндомбеле во судиското продолжение. Македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас влезе во игра во 90 минута на месото на новиот љубимец на наполитанците Квича Кваратшкелија.

Во вчерашниот дуел од оваа група Ливерпул дома го совлада Ајакс со 2:1. Мохамед Салах домашните ги доведе во водство во 17 минута, но водството траеше само десетина минути кога гостите израмнија со фантастичниот шут на Мохамед Кудус. Победата на „Црвените“ им ја донесе Џоел Матип во 89 минута.

Во оваа група Наполи води со шест бодови, Ливерпул и Ајакс имаат по три, а Ренџерс е без бодови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.