Преглед на ЛШ: Баерн, Јувентус и ПСЖ осигураа пласман во осминафиналето

Фудбалерите на Баерн го победија во Минхен во четвртото коло од групата Б во Лигата на шампионите Олимпијакос со 2:0, и на две кола пред крајот од фазата по групи обезбедија пласман во осминафиналето, како и Јувентус кој дури во судиското продолжение победи во Москва против Локомотив со 2:1.

Во Групата А, ПСЖ оствари минимална победа со 1:0 во Париз против Клуб Бриж. Парижаните поведоа со голот на Мауро Икарди во 22 минута и се очекуваше убедлива победа на домашните, но Белгијците беа упорни а во 76 минута не реализираа и пенал, откако Навас го одбрани ударот на Деање.

Реал Мадрид на својот „Сантијаго Бернабеу“ со убедливата победа од 6:0 над Галатасарај се зацврсти на второто место во групата. Реал по само 13 минути игра поведе со 3:0, со двата брзи гола на Родриго во 4 и 7 минута, а третиот го постигна во втората минута од судиското продожение на мечот, и на Серхио Рамост од пенал во 13 минута. Уште два гола постигна Карим Бензема, во 45 и 81 минута.

Во Групата А води ПСЖ со 12 бодови, Реал има 7, Клуб Бриж два а Галатасарај еден бод.

Само три дена по отказот на тренерот Нико Ковач, Баварците на мечот во Лигата на шампионите ги водеше помошниот тренер Ханс Дитер Флик. Баерн се мачеше со тврдата одбрана на грчкиот првак сѐ до 60 минута кога на нафрлување на Коман од десната страна Роберт Левандовски умешно ја скршна топката во противничката мрежа. На 2:0 во 89 минута зголеми Иван Перишиќ, по убавата акција на домашните кога заби од пет метри.

За Левандовски ова беше 31-от погодок во групната фаза од Лигата на шампионите откако дојде во Баерн во јануари 2014 година, и за овој период само Лионел Меси во дресот на Барселона успеал да постигне ист број голови. Перишиќ, пак, постигна гол само 33 секунди откако влезе во игра, што е најбрзиот погодок во Лигата на шамионите постигнат од резервен играч од април 2017 година, кога Валер Жермен од Монако постигна гол против Борусија Дортнмунд по само 23 секунди минати на теренот.

Во истата група во Белград, Тотенхем беше убедлив против Црвена ѕвезда со 4:0. Гостите од Лондон поведоа во 34 минута со голот на Џовани Ло Солсо, а во второто полувреме ја демонстрираа разликата во класи и дојдоа до сигурен триумф со погодоците на Сон Хеунг-мин во 57 и 61, и на Кристијан Ериксен во 85 минута.

Во Групата Б, Баерн е максимален со 12 бодови, го следи Тотенхем со седум, Црвена ѕвезда има три, а Олимпијакос еден бод.

Во Групата Ц Аталанта и Манчестер Сити одиграа 1:1. „Граѓаните“ поведоа преку Рахим Стерлинг уште во 7 минута кога домашен одбранбен играч погрешно проигра а гостинскиот напад прецизно комбинираше. Израмни во 49 минута Марио Пашалиќ кој со глава реализираше центаршут на Алехандро Гомез. Интересно е што Сити остана без еден играч во 81 минута, и тоа без голманот Клаудио Браво кој доби црвен картон поради прекршок надвор од својот шеснаесетник, а во игра влезе на почетокот од второто полувреме наместо повредениот колега Едерсон, па меѓу стативите мораше да застане Кајл Вокер.

Во оваа група најинтересниот но и најдраматичниот меч беше одигран во Загреб, каде Динамо го пречека украински Шахтјор. Гостите поведоа во 13 минута со голот на Алан Патрик, а веќе во 25 израмни Бруно Петковиќ. Хрватскиот првак подобро влезе во второто полувреме и во последните десет минути оствари предност од два гола, преку Лука Иванушец во 83 и македонскиот репрезентативец Аријан Адеми во 89 минута. Претходно двата тима останаа со играч помалку, во 74 минута кај домашните беше исклучен Никола Моро а пет минути подоцна кај гостите Морлос. Сепак, загрепчани не успеаја да се израдуваат на трите бода кои веројатно многу ќе ги приближеа до остварување на амбицијата првпат во историјата да се пласираат во елиминациската фаза од Лигата на шампионите. Украинците со два гола во долгото судиско продолжение израмнија, прво во третата минута од продолжението погоди Жуниор Мораеш а дури во осмата минута по регуларниот тек од пенал израмни Тете.

На табелата во Групата Ц води Манчестер Сити со 10 бодови, Динамо и Шахтјор сега имаат по пет бодови, а Аталатанта има само бод.

Во Групата Д во Москва, Јувентус со голот на Даглас Коста во третата минута од судиското продолжение славеше против Ломомотив, обезбедувајќи го уште сега пласман во осминафиналето. Јувентус поведе во 4 минута кога Кристијано Роналдо шутираше од слободен удар од голема оддалечност, голманот Гиљерме ја пропушти топката низ нозете, а погодокот на гол-линијата го потврди Арон Ремзи. Во 12 минута Алексеј Миранчук израмни откако прво со глава ја погоди левата статива, а потоа одбиената топка ја спроведе во празната мрежа. Во третата минута од судиското продолжение „Старата дама“ сепак дојде до победата по одличниот продор и голот на Бразилецот Даглас Коста.

Иако не постигна гол, за Кристијано Роналдо ова бепше 174-от европски клупски натпревар со што се израмни со Паоло Малдини, а Португалецот сега го брка рекордот кој го држи поранешниот голман на шпанската селекција, Икер Касиљас, кој во дресовите на Реал Мадрид и Порто во европските купови има 188 натпревари.

Во оваа група мадридски Атлетико гостуваше кај Баер во Леверкузен и со победа можеше да си осигури пласман во осминафиналето, но „јорганџиите“ неочекувано беа поразени со 1:2. Германскиот претставник поведе во 41 минута со автоголот на Томас Парте, а во 55 минута на 2:0 зголеми Кевин Волад. Домашните во 84 минута останаа без исклучениот Надием Амири, но Атлетик тоа не умееше да го искористи и само го ублажи поразот во четвртата минута од судиското продолжение преку Алваро Мората.

Во Групата Д, Јувентус е во водство со 10 бодови, Атлетико е втор со 7, а во последните две кола ќе се обидат да го минат или да ја освојат третата позиција за продолжување на пролета во Европскат алига, Локомотив и Баер кои имаат по три бода.