Преглед НБА: Клиперс првпат сезонава врза две победи

17

Кошаркарите на Лос Анџелес Клипер првпат оваа сезона успеаја да остварат две последователни победи во НБА лигата, совладувајќи ги како гости Минесота Тимберволфс со 126:115.

По синоќешниот исход, и двата клуба имаа сега сооднос на победите и поразите 3-4.

Клиперс до победата дојдоа првенствено благодарајќи на одличниот шут за три поена, односно погодија 21 од 36 обиди, а предничеа Пол Џорџ со 32 и Реџи Џексон со 29 поени. Кај Волфс најефикасни беа Ентони Едвард со 28 и Карл-Ентони Таунс со 18 коша на кои додаде и 11 скокови.

Голден Стејт Вориорс продолжија со одличните игри сезонав и со убедливата домашна победа од 114:92 против Шарлот Хорнетс се исрамнија со Јута Џез и Мајами Хитс на врвот на лигата и сите три екипи имаа сооднос 6-1.

Вориорс до победата ги водеа играчи коишто досега не се истакнуваа како стрелци, Џордан Пул со 29 и Дрејмонд Грин со 26 коша кој додаде и 10 скокови и 8 асистенции. Кај гостите најдобри беа Мајлс Бриџес со 32 поена и 9 скокови, и Гордон Хејвард со 23 поени и 11 скокови.

Бруклин Нетс ја остварија третата победа во низа совладувајќи ги минатогодишните финалисти во Источната конференција, Атланта Хоукс со 117:108. Бруклин сега има сооднос 5-3, а Атланта 4-4.

Домашните го контролираа резултатот во текот на целото второ полувреме, а повторно најрасположен беше Кевин Дјурант со 32 коша а 10 додаде Џо Харис, додека кај гостите најефикасен Де’Андре Хантер со 26 поени, а Три Јанг со 21 кош, 10 асистенции и 9 скокови беше блиску до „трипл-дабл“ изведба.

Филаделфија 76ерс стасаа до четвртата последователн победа со 103:98 на својот паркет во дуелот со Чикаго Булс, па сега и двата тима имаат сооднос 6-2.

Сет Кари на 10 секунди пред истекот на времето се избори за предност на домашните од пет поени, а во следниот напад Џоел Ембид го блокирапе Демар Дерозан во обидот да продре под кошот со што ја обезбеди победата. Кари ги предводеше стрелците Сиксерс со 22 коша, Ембид додаде 18 со 9 скокови и 7 асистенции, додека кај Булс најдобри беа Дерозн со 37 поени и 10 скокови и Зах Лавин со 27 поени.

По одличниот старт Њујорк Никс го загубија и вториот меч по ред, подобри на свој терен со 111.98 од нив беа Индијана Пејсерс. Расположен кај победниците беа Мајлс Тарнер со 25 коша и 13 скокови, 21 додаде Карис Лаверт, додека на гостите не им помогнаа ниту 23-те поени на ЕрЏеј Барет и 18-те коша и 14-те скокови на Џулиус Рендл.

Кошаркарите на Мемфис Гризлис ги надиграа Денвер Нагетс на домашен терен со 108:106 во натпревар во кој Србинот Никола Јокиќ уфрли 34 поени за гостинскиот тим, но го промаши последниот обид да му донесе продолжение на својот тим. Српскиот центар го одигра најефикасниот натпревар во оваа сезона, додавајќи 11 скокови, 5 асистенции и 2 украдени топки, но на крајот не успеа да му помогне на својот тим да го избегне поразот. Најефикасен во редовите на Мемфис беше Џексон со 22 поени.

РЕЗУЛТАТИ

Минесота – ЛА Клиперс 115:126
Кливленд – Портланд 107:104
Индијана- Њујорк 111:98
Орландо – Бостон 79:92
Филаделфија – Чикаго 103:98
Вашингтон – Торонто 100:109
Бруклин – Атланта 117:108
Мемфис – Денвер 108:106
Сан Антонио – Далас 108:109
Голден Стејт – Шарлот 114:92
Сакраменто – Њу Орлеанс 112:99.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.