Преглед Премиер лига: Пораз на Арсенал, Манчестер Сити ја одбрани титулата

Фудбалерите на Нотингем Форест пред своите навивачи го совладаа Арсенал со 1:0, во мечот од 37-то коло од англиската Премиер лига, со што Манчестер Сити и математички ја одбрани титулата.

Манчестер Сити има четири бодови повеќе од Арсенал кој до крајот на сезоната има да одигра само уште еден натпревар, додека тимот на Пеп Гвардиола, пак, има уште да три неодиграни лигашки дуели.

Манчестер Сити така по деветти пат во својата историја стана англиски првак, со тоа што воедно ја одбрани титулата по втор пат и стана првак трета сезона со ред. Со оваа титула Манчестер Сити на вечната табела се израмни со ливерпулски Евертон со по девет титули, а пред нив се Манчестер Сити со 20, Ливерпул со 19 и Арсенал со 13 титули.

Арсенал и на ова гостување играше како што игра од почетокот на април. Тимот на Микел Артета која во последните седум првенствени натпревари оствари две победи, три пораза и две ремија, повторно не беше уверлив. Лондонските „Топчии“ многу тешко создаваа вистински шанси против цврстите домаќини, иако во поголемиот дел од мечот го имаа поседот на топката и се обидуваа да се заканат.

Нотингем, пак, ја продолжи одличната серија во завршницата на првенството и дојде до третата победа во последните пет натпревари. Повторно стрелец беше Нигериецот Таиво Авонији кој го реши победникот во 19 минута, што беше неговиот петти погодок во последните пет натпревари.

Освен што со овој резултат Манчестер Сити математички ја одбрани титулата, со победата и Нотингем Форест со обезбеди опстанок во Премиер лига, сега е 16-ти со 37 бодови, шест повеќе од зоната на испаѓање.

Претходно во саботата Ливерпул на својот „Енфилд“ одигра само 1:1 против Астон Вила, со што си ги намали шансите за пласман во Лигата на шампионите следната сезона.

Додека Ливерпул освои само еден бод, истовремено Манчестер Јунајтед ги освои сите три, па така петтопласираниот Ливерпул моментално има три бода помалку од Њукасл и Манчестер Јунајтед, со тоа што Ливерпул треба да одигра само еден натпревар до крајот на сезоната, а неговите ривали по уште два. Според гол-разликата, Ливерпул може да биде и четврти, но зависи од резултатите на другите натпревари.

Гостите од Бирмингем одиграа одлично прво полувреме во кое постигнаа гол. Стрелец во 27 минута беше Ремзи, кој одлично реагираше на уфрлената топка на втората статива. Астон Вила можеше да има поголемо водство во првото полувреме, но Воткинс не го реализираше пеналот во 22 минута.

Во продолжението од мечот целосна офанзива тргна Ливерпул кој на овој меч настапи без тренерот Јирген Клоп. Германскиот стратег поради казната мораше да седне на трибините. Ливерпул израмни во 55 минута, кога Гакпо по гужва ја упати топката кон мрежата, но ВАР го поништи голот поради офсајд. Домаќинот напаѓаше до крајот и израмни дури во 89 минута по убавата асистенција на Салах и голот на Роберто Фирмињо. Сепак, Ливерпул не стигна до победа.

Истовремено со ремито на Ливерпул дојде и победата на Манчестер Јунајтед на гостувањето кај Борнмаут од 1:0. Победата на Манчестер Јунајтед му ја донесе Бразилецот Касемиро, кој умешно реагираше во деветтата минута и го постигна единствениот гол на натпреварот при паѓање, со свртен грб.

За Евертон секој бод е клучен во борбата за останување во Премиер лигата и во ова коло освои еден, со голот на Колумбиецот Мина во 100 минута. Евертон гостуваше кај Вулверхемптон каде одигра 1:1.

Се чинеше дека домаќинот ќе слави, бидејќи со голот на јужнокорејскиот фудбалер Хванг Хи-чан водеше до десеттата минута од судиското надополнување. Но, тогаш Мина ги развесели навивачите на клубот од Ливерпул. Евертон е една позиција над опасната зона за испаѓање, но има само два бода повеќе од Лидс Јунајтед и три повеќе од Лестер Сити.

Фулам и Кристал Палас одиграа 2:2 во дуелот каде гостите поведоа со голот на Едуар, но потоа српскиот напаѓач Митровиќ постигна два за пресврт и водство од 2:1 за домаќините. На крајот во 83 минута Вард ги постави конечните 2:2. Двата клуба се на точно на средината од табелата.

В недела ќе играат Вест Хем – Лидс, Брајтон – Саутемптон и Манчестер Сити – Челзи, додека Њукасл – Лестер во понеделник ќе го одиграат последниот натпревар од ова коло.