Преглед Ролан Гарос: Ѓоковиќ мина во три сета, Сонего со „пресврт“ против Рубљов

Моментално треторангираниот тенисер на светот Србинот Новак Ѓоковиќ лесно го совлада Шпанецот Алехандро Давидович Фокина со 7-6 (4), 7-6 (5), 6-2 и се пласираше во осминафиналето од турнирот Ролан Гарос кој го освојуваше досега двапати, а евентуалниот трет триумф би му ја донел рекордната 23-та титула од четирите најголеми светски турнири, и би му овозможило да продолжи да се бори за календарскиот Грен Слем.

Ѓоковиќ во првиот (2-3) и во вториот сет (0-2) го надомести раното „брејк“ заостанување, а откако поведе со 2-0 во сетови, во третиот без тешкотии го заврши мечот. Фактот што Ѓоковиќ за победата во три сета Ѓоковиќ потроши три часа и 36 минути, доволно зборува за тоа дека Давидович Фокина беше доста рамноправен ривал.

За пласман во своето 14-то последователно четвртфинале во Ролан Гарос, а вкупно 17-то, Ѓоковиќ го очекува победникот од дуелот меѓу Полјакот Хуберт Хуркач, 14-от на АТП, и Перуанецот Пабло Вариласа, 94-ти на АТП листата.

Иако по два сета се чинеше дека своето место во осминафиналето ќе го заземе и моменталниот седми рекет на светот Русинот Андреј Рубљов, со тоа не се согласи Италијанецот Лоренцо Сонего, моментално 48-ми на АТП рангирањето. Откако Рубљов поведе со 7-5 и 6-0, Сонего направи целосен пресврт и го освои следните три сета со 6-3, 7-6 (5), 6-3. Рубљов ниту дојде до меч-топка.

Сонего така по вторпат во кариерата се проби до осминафинале на париската црвеница, а за пласман во четвртфиналето ќе мора да победи уште еден руски претставник, Карен Хачанов кој со 6-4, 6-1, 3-6, 7-6 (5) го совлада Австралиецот Танасиос Кокинакис.

Кај тенисерките без пласман во осминафиналето остана третата од поединечната ВТА листа, Американската Џесика Пегула која во третото коло наиде на расположената Белгијка Елис Мертенс. Белгиската тенисерка славеше со убедливи 6-1 и 6-3 и втора година по ред дојде до осминафиналето во Париз, што е нејзиниот најдобар резултат на Ролан Гарос.

Нема сомнежи дека годинешниот настап на Отвореното првенство на Франција ќе го памети 20-годишната Русинка Елена Аванесјан, која е 134-та на ВТА листата која загуби во последното коло од квалификациите но како „среќна губитничка“ доби можност да дебитира, бидејќи по Швајцарката Белинда Бенчич и Французинката Леолија Жанжан ја совлада и Данката Клара Таусон со 3-6, 6-1, 7-5.

РЕЗУЛТАТИ

ТЕНИСЕРИ 3-то коло
Себастијан Офнер (Аус) – Фабио Фоњини (Ита) 5-7, 6-3, 7-5, 1-6, 6-4
Новак Ѓоковиќ (Срб/3) – Алехандро Давидович Фокина (Шпа/29) 7-6 (4), 7-6 (5), 6-2
Карен Хачанов (Рус/11) – Танаси Кокинакис (Авс) 6-4, 6-1, 3-6, 7-6 (5)
Лоренцо Сонего (Ита) – Андреј Рубљов (Рус/7) 5-7, 0-6, 6-3, 7-6 (5), 6-3

ТЕНИСЕРКИ 3-то коло
Елина Аванесјан (Рус)- Клара Таусон (Дан) 3-6, 6-1, 7-5
Анастасја Пављученкова (Рус)- Анастасја Потапова (Рус/24) 4-6, 6-3, 6-0
Елиза Мертенс (Бел/28) – Џесика Пегула (САД/3) 6-1, 6-3
Елина Свитолина (ВБ) – Ана Блинкова (Рус) 2-6, 6-2, 7-5
Дарја Касаткина (Рус/9) – Пејтон Стернс (САД) 6-0, 6-1
Слоун Стивенс (САД) – Јулија Путинцева (Каз) 6-3, 3-6, 6-2
Арина Сабаленка (Блр/2) – Камила Рахимова (Рус) 6-2, 6-2