Преглед Серија А: Пандев за спас на Џенова, реми на Наполи и Милан

San Paolo stadium in Naples, 12 july 2020. ANSA / CIRO FUSCO

Во првиот меч од неделната програма на 32-то коло од италијанското фудбалско првенство, домашната Џенова благодарејќи на одличната партија на капитенот на македонската селекција Горан Пандев го совлада СПАЛ и се извлече од зоната на испаѓање.

Стрелци за важните три бода за домашните беа Горан Пандев во 23 минута и Ласе Шене во 54 минута, а притоа во 37 минута Јаго Фалке не реализираше пенал за Џенова.

Пандев го совлада гостинскиот хрватски голман Карл Летица со силен удар од десетина метри, откако одлично ја смири топката во гостинскиот шеснаесетник, додека Данецот одлично изведе слободен удар од 25 метри.

Џенова ја прекина серијата од пет првенствени натпревари без победа, и со 30 бодови е на 17-то место, напуштајќи ја зоната на испаѓање од Серија А. СПАЛ, пак, со 19 бодови одамна е отпишан од италијанското елитно натпреварување.

Во дербито на колото и последниот меч од неделната програма, Наполи и Милан ги поделија бодовите со резултат 2:2. Во 21 минута хрватскиот интернационалец Анте Ребиќ во домашниот шеснаесетник нафрли на втората статива каде натрча Тео Ернандез и со полуволеј од пет метри го совлада Оспина за водство на Милан. Наполи успеа да го израмни резултатот во 35 минута кога Џовани Ди Лоренцо најбрзо реагираше на одбиената топка по одбраната на Донарума. Во 61 минута Дрис Мартенс направи предност и ги доведе во водство домашните протнувајќи му ја топката низ нозе на гостинскиот голман. Конечниот резултат го постави Франк Кеси во 74 минута од пеналот кој го избори Бонавентура.

Со ова реми Милан остана седми на табелата со 50 бодови, два помалку од шестиот Наполи.

Верона беше на прагот од гостинска победа во Фиренца, но домашната Фиорентина успеа да израмни на конечните 1:1 во шестминутното судиско продолжение. Верона поведе со голот на Давиде Фараоне во 19 минута по додавање од Амбрата и тој резултат важеше до последните моменти од мечот кога Киеза го проигра Патрик Кутроне кој израмни.

Фиорентина е на 13-то место на табелата со 36 бодови, додека Верона остана деветта со 44 бодови.

Калјари на домашен терен одигра без голови со Лече. Калјари е безбеден на 11-то место со 41 бод, додека Лече остна во зоната на испаѓање, 18-ти со 29 бодови, еден помалку од Џенова.

Важни бодови за опстанок избори и Сампдорија којашто со пресврт стаса до 3:1 на гостувањето кај Удинезе, за кој страртер беше македонскиот репрезентативец Илија Нестороски. Домашните поведоа со убавиот гол на Кевин Лазања во 38 минута, а во последните моменти од првото полувреме израмни Фабио Кваљарела. Во завршницата од дуелот гостите поведоа во 85 минута со голот кој со „ножички“ го постигна Федерико Бонацоли, а во четвртата минута од судиското продолжение за Сампродија погоди и Маноло Габиадини.

Самдпорија се искачи на 14-то место со 35 бодови, а Удинезе сега со ист број бодови е место подолу на табелата.

Најголеми трагичари во ова коло се фудбалерите на Болоња кои во последните моменти од судиското продолжение пропуштија водство од 2:0 кај Парма. Гостите поведоа во 4 минута преку Данило, а веќе во 17 минута водството го удвои Роберто Сориано. Меѓутоа во третата минута од судиското продолжение Јасмин Куртиќ намали на 1:2, а веќе по две минути израмни Роберто Инглезе.

Парма сега е 12-та со 40 бодови, а Болоња е 10-та со 42 бодови. На табелата во водство е Јувентус со 76 бодови, а го следи Лацио со осум бодови помалку.

Колото во понеделник го затвора дуелот меѓу Интер и Торино.