Преговори веднаш, оставете го Заев и тие главоклимачи околу него, не се тие Македонија, туку народот кој заслужи да биде во ЕУ, порача Мицкоски

Ние како Македонци имаме не само право туку должност, обврска да ги чествуваме овие денови и паметници, затоа што и нашата Македонија покажа пркосна жилавост и борба во едни тешки времиња, и  најважното беше на вистинската страна во народно ослободителната борба, во борбата против фашизмот, во мигови кога многу други народи и држави од соседството и Европа не беа. Оттука денес ние како земја, како Македонија го имаме легитимното и полно право да се повикуваме на нашето наследство но и придонес во градењето на слободарска Европа. Затоа што нивната слобода е и наша слобода, затоа што и нашата крв го полеваше темелот на заедничката слобода – рече Мицкоски во Прилеп на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека е точно тоа дека нашиот единствен пат е кон Европската Унија, која мора повеќе да се ангажира околу обезбедувањето на нашата иднина.

– И затоа од овде од слободарски Прилеп ќе им порачам, преговори веднаш, оставете го Заев и тие главоклимачи околу него. Не се тие Македонија, туку овој чесен и честит народ и вредни домаќини. Ова е народот кој многу пред вас ги покажувал своите европски вредности и неговото место е таму – рече Мицкоски.

Тој побара од членките на Енијата тоа да се случи уште на јунскиот европски самит, а паралелно да течат разговорите со источниот сосед.

– Овој народ заслужува Македонија да седне со сите држави кои се дел од европското семејство, овој народ заслужува да ги споделува европските вредности. Престанете со дополнителни услови. Преговори сега и веднаш, а паралелно со преговорите, нека течат разговорите со источниот сосед. Тоа е формулата за успех и тоа треба да се случи уште на самитот на крајот на јуни. Тоа е едногласна порака од која нема да отстапиме. ВМРО-ДПМНЕ и македонскиот народ не се подготвени да отстапат ниту една национална концесија. Сакаме да споделуваме европски вредности во сите сфери, но престанете да чепкате во националната супстанца на овој народ – рече Мицкоски.

Според него, мора да се забрза европскиот пат преку разумна политика која ќе носи резултати, да му се објасни на народот однапред што можеме, до каде ќе се оди и што ќе се направи.

Мицкоски рече дека во сегашниот момент не се знае дали денешната власт е на вистинската страна, дали  го чува наследство и не ги посрамотува предците.

– Одговорот го добиваме кога премиерот, во името на некакво пријателство, вели дека тука имало администрација, а не фашистички окупатор, што самото по себе е тешка небулоза и невистина. И тоа е дотолку страшно зошто се вика брутално, сурово убиство на вистината. Од друга страна премиерот на нашиот источен сосед, оној нели кој Заев го вика брат, ќе рече Делчев бил бугарски револуционер, а македонски војвода. Ваков оксиморон, ваква противречност во една реченица не е возможна. И не е страшно во што тие веруваат, може да веруваат во што сакаат, лошо е што македонските власти молчат – рече Мицкоски.

Тој во својот говор се осврна надоговорот од Преспа и на  актуелните политички состојби, криминалот, судските случаи на реформите во образованието.

Мицкоски се осврна и на тоа што е денес ВМРО-ДПМНЕ.