Преговорите за СЈО без успех, опозицијата подготвува амандмани

По пет часа разговори во Министерството за правда синоќа претставниците на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ си заминаа без договор за иднината на Специјалното јавно обвинителство.

Опозицијата со забелешки за речиси секој член од предлогот подготвен од власта. Но, клучните несогласувања се за делот од законот којшто се однесува на СЈО. ВМРО ДПМНЕ предлага институцијата која што ја води специјалната обвинителка Катица Јанева во иднина да функционира како одделение во рамките на Јавното обвинителство за организиран криминал

„Овој закон навистина има потреба од амандмани за подобрување на работата на јавното обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање. Сметаме дека СЈО треба да биде одделение во јавното обвинителство за организиран криминал. Не се прифатливи одредбите СЈО да не одговара пред никого и сам да си го создава буџетот“, вели адвокатот Тони Менкиновски, кој ги застапува ставовите на ВМРО ДПМНЕ во разговорите.

Менкиновски е дециден дека со идниот закон мора да се прецизира дека СЈО не може да води истраги и да покрева обвиненија по истекот на 18-те месеци од преземањето на прислушуваните материјали.

„Истрагите почнати после 30-ти јуни 2017 година според меѓународното право и праксата на Стразбур се нерелевантни истраги“, вели претставникот на опозицијата во разговорите.

Ваквите барања на опозицијата се неприфатливи за владејачката коалиција. Министерката Рената Дескоска категорична дека СЈО треба да ги заврши сите истраги кои се започнати, па и оние отворени по истекот на рокот.

„Барањето коешто го доставија, СЈО да биде дел од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а не посебно обвинителство е прашање коешто реално не може да биде прифатено, од причина што една од стратешките определби е дека СЈО треба да продолжи како обвинителство, а не како одделение во друго обвинителство, рече Дескоска.

На  средбата е договорено ВМРО ДПМНЕ забелешките за законот да ги преточи во амандмани кои на нова средба в петок ќе бидат разгледани од двете страни. Во опозициската партија очекуваат пред да се почне со материјална расправа за законското решение да се утврдат принципите по кои ќе се работи.

„Се додека не се договорат принципите на работа не може да се навлезе во материјалната суштина. Затоа очекуваме да се договорат принципите во овие наредни средби, а потоа да навлеземе во материјална расправа“, вели потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Владо Мисајловски.

За власта за напредок во разговорите неопходно е настрана да се тргнат партиските интереси и да не се прави обиди со интервенции во законот да се одбегнува одговорност.

Власта посакува договор за законот за јавно обвинителство пред крајот на март по што истиот би можел со широк консензус да биде усвоен во Собранието пред 1-ви април кога пратениците ќе направат пауза поради кампањата за претседателските избори.