Прекинат состанокот на ЕУ за планот за опоравување, разговорите продолжуваат во групи

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел го прекина денеска состанокот на челниците на земјите членки на ЕУ во полн состав и разговорите за седумгодишниот буџет и план за опоравување ќе продолжат во помали групи, објави денеска портпаролот на Шарл Мишел.

Челниците на 27 земји членки на  ЕУ денеска во 11 часот го продолжија состаникот на врвот на кој се обидуваа да го договорат новиот седумгодишен буџет и план за опоравување од последиците од пандемијата на коронавирусот.

Мишел денеска на почетокот на состанокот на лидерите им го претстави својот план и по два часа пленарниот состанок е прекинат и започнати се поединечни консултации. Се очекува по ова челниците на ЕУ повторно да се соберат во полн состав.

Во првиот круг консултации Мишел организираше состанок со лидерите на Данска, Австрија, Шведска, Холандија, Финска, Германија, Франција, Италија, Португалија и Грција. На тој состанок учествува и претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.

Мишел во новиот предлог го смени размерот на неповратните средства и заеми. Наместо 500 милијарди евра неповратна помош сега се предлагаат 450 милијарди, а наместо 250 милијарди заеми, се предлагаат 300 милијарди евра.

Мишел со тој предлог очигледно се обидува да ја одоброволи групата на „штедливи“ земји кои најмногу се противат на идејата дека најголем дел од средствата од следната генерација инструменти на ЕУ да се доделуваат како неповратна помош, додека тие се залагаат тоа да биде во форма на поволни заеми.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.