Прекината истрагата за прислушувањето на Меркел

Државниот обвинител на Германија Харалд Ранге најави дека докази за прислушувањето на германската канцеларка ангела Меркел постојат, но не се доволни за да се излезе на суд.

Германските власти ја прекинаа истрагата за сомневањата дека мобилниот телефон на канцеларот Ангела Меркел бил прислушуван, од страна на американската Агенција за национална безбедност (НСА).

Канцеларијата на државниот обвинител Харалд Ранге соопшти денеска дека НСА не испорачала доволно докази за да се оправда истрагата и покренувањето судски процес.

Тврдењето дека Американците го „ловеле“ и мобилниот телефон на Меркел се појави од доверливите и тајни материјали на НСА, што ги украде пред да побегне во Хонг Конг, а од таму во Москва, поранешниот соработник на Агенцијата, Едвард Сноуден.

Откривањето на тајните од материјалите, предизвика заладување на политичките односи меѓу САД и Германија.

Сомневањето  за „шпионирање“ на разговорите на Меркел, Белата куќа во Вашингтон не го демантираше, туку се определи за објаснувањето дека тоа не се прави и дека нема да се прави во иднина.

Канцеларот Меркел, во тоа време, меѓутоа, налутено реагираше дека „не треба да има  шпионирање меѓу пријатели“.

Во почетокот на јуни, минатата година, обвинителот Ранге оптимистички најави дека „има докази“ оти непознат број американски агенции ги ловеле и ги слушале разговорите на канцеларот Меркел, што таа ги вршела преку својот мобилен телефон. Пред крајот на 2014 година, Ранге, сепак, призна дека истрагата не напредува, како и дека тој нема докази за да се појави на процес во суд.

„Обвинувањата што беа посочувани, не можат да се докажат во правна постапка, според одредбите на кривилното право“,  се вели во соопштението на канцеларијата на германскиот Државен обвинител.