Прекинати испораките на гас преку Северен тек 1

Од почетокот на денот во понеделникот утрото во 6 часот по македонско време прекинати се испораките на природниот гас по должината на клучниот гасоводот кој води од Русија кон Европа, односно Северен тек 1, покажуваат податоците на компанијата оператор „Nord Stream AG“.

Двата цевковода на гасот се во прекин поради годишното одамна однапред најавено планирано одржување на системот, вклучително и тестирање на механичките компоненти и системи за атоматизација. Според најавите, се очекува техничкото одржување да биде извршено меѓу 11-ти и 21-ви јули.

Инаку испораката на гасот преку Северен тек 1 од утрото во неделата до утрото во понеделникот изнесувало 63,4 милиони кубни метри гас, што е слично на нивото во претходните денови. Тоа е за околу 40 отсто од максималниот капацитет на гасоводот, кој изнесува речиси 170 милиони кубни метри гас дневно.

„Газпром“ од јуни ги намали испораките преку овој гасовод за 60 отсто, обвинувајќи го за тоа невраќањето на турбините на германски „Siemens“ од ремонтот во Канада. По неколкунеделни преговарања меѓу Берлин и Отава, изминатиот викенд канадската страна се согласи да направи изземање од своите антируски санкции и да ја предаде турбината на германската компанија која потоа ќе ја врати на „Газпром“.

Рускиот енергетски гигант кон средината на јуни го намали протокот на гасот преку Северен тек 1 за околу 60 отсто. Компанијата соопшти дека гасоводот може да испорачува само 67 милиони кубни метри дневно, додека планираниот обем од 167 милиони кубни метри гас дневно. „Газпром“ повеќепати инсистираше дека проблемот е во неможноста од Канада да се вратат пумпните единици за гас за компресорската станица Протоваја на која биле утврдени технички дефекти на моторот, клучна за испораките на енергенсот.

Северен тек 1 е најдолгиот подморски гасовод на светот, кои минува под Балтичкото Море од Русија до Германија и е во функција цела деценија. Германија во моментов увезува 35 отсто од потребниот гас од Русија, во споредба со 55 отсто пред почетокот на војната во Украина. Не познато е од каде се набавува остатокот, но Берлин е во потрага по добавувачи од Африка и Блискиот исток, но засега тоа се сведува на прелиминарни договори кои можат да бидат реализирани најбрзо од следната година.

Интернет страницата на „Nord Stream“ (Северен тек 1), покажуваше претходните денови дека гасот кој пристигнува во германскиот град Лобмин и натаму се испорачува во Белгија, Данска, Франција, Холандија и Велика Британија.

Испораките на рускиот гас во Европа преку другата рута односно транзитот преку Украина веќе од поодамна се намалени, а во понеделникот беше објавено дека се очекува да биде на нивото од претходните денови, според податоците на украинската државна компанијата „Оператор ГТС“. Нарачката за испумпување преку станицата Суџа за понеделникот изнесува 41 милиони кубни метри гас. Снабдувањето на Европа преку Украина на ова ниво се одржува од крајот на мај, според истиот извор.