Прекинот на огнот во Либија главна тема на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ

Министрите на ЕУ денеска се состануваат во Брисел за редовниот Совет за надворешни работи под раководство на шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел.

Прекинот на огнот во Либија ќе биде главна на тема на средбата по вчерашниот самит во Берлин помеѓу единаесет земји засегнати од либискиот конфликт како Германија, Франција, Русија и Турција.

Од Берлин, канцеларката Ангела Меркел вчера порача дека лидерите се согласиле дека решението во Либија мора да биде дипломатско и побара да се почитува ембаргото на Обединетите Нации од 2011-та врз оружјето. Светските лидери присутни на вчерашниот самит, и кои поддржуваат различни страни во либискиот конфликт, се согласија дека е потребен прекин на огнот во оваа земја.

Шефот на европската дипломатија утрово пред почетокот на состанокот за надворешни работи на ЕУ изјави дека министрите на ЕУ денеска интензивно ќе разговараат на оваа тема, посебно за тоа како да се обезбеди почитување на кревкиот прекин на огнот на терен.

-Има повеќе можности, прекин на огнот значи дека некој треба да внимава дека се почитува, исто е и со ембаргото врз оружјето, министрите денеска ќе треба да одлучат за ова, сѐ уште нема договор, сакаме да го одржиме прекинот на огнот, но некој треба тоа да го набљудува, дали ќе биде ОН, Африканската Унија, Европската Унија, не можеме да го оставиме прекинот на огнот сам на себе, ќе видиме што ќе одлучат министрите, изјави Борел пред почетокот на Советот на ЕУ за надворешни работи.

Луксембуршкиот министер за надворешни, Жан Аселборбн, за медиумите пред состанокот изјави дека според него треба Советот за безбедност на ОН да издаде јасен и прецизен мандат за да се почитува прекинот на огнот.

Повеќето други министри не сакаа да се изјаснат за тоа која е нивната позиција пред состанокот и порачаа дека работите ќе бидат појасни на крајот на денешниот ден.

Освен Либија, министрите на ЕУ за првиот редовен министерски за надворешни работи во оваа година ќе разговараат и за ситуацијата во Иран и Венецуела како и мировниот процес помеѓу Израел и Палестина.

Аселборн побара ЕУ да се изјасни гласно за правото на Палестинците на своја држава.

-САД вели дека колонизацијата не е спротивна на меѓународното право, тоа значи дека физички решението со две држави ќе исчезне, ЕУ треба јасно и гласни да и каже на Палестина дека има право на своја држава, ова е апсолутно потребно, не е доволно земјите индивидуално да ја признаваат, една група земји треба да покаже дека Европа мисли на нив и дека ова не е против интересите на Израел, ако Израел ја анектира јорданската долина, ќе се најдеме во истата ситуација како една друга држава во 2014-та година, предупреди шефот на луксембуршката дипломатија.

На дневен ред на министерскиот состанок денеска ќе се најде и климатската дипломатија.