Преку аеродромите во Скопје и во Охрид патувале 1,2 милиони патници

Преку Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид во првите шест месеци од 2019 година патувале 1,2 милиони (1.163.667) патници, што претставува пораст од 12% во споредба со истиот период од 2018 година, соопшти ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор.

Во исто време, вкупниот број летови на двата македонски аеродроми изнесува 9.792, со годишен пораст од 8%.

Аеродромот Скопје во првата половина од годинава има превезено 1.059.223 патници што е зголемување од 8,5%, додека Св. Апостол Павле Охрид имал 104.444 патници и 62.9 % годишен пораст.

– Очекуваме порастот на бројот на патници поради отворањето на четирите нови дестинации од скопскиот аеродром: Баден-Баден и Бремен, отворени во март, Ларнака и Турку кои ќе бидат отворени на крајот на јули; и шесте нови дестинации од охридскиот аеродром: Малме и Милано, отворени во март, Дизелдорф и Штутгарт отворени минатата недела, како и Меминген и Дортмунд, кои ќе бидат отворени на крајот на јули“, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов опслужува 42 дестинации, од кои 33 се нискобуџетни, управувани од 13 авиокомпании, додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужува 20 дестинации, од кои 8 се редовни рути во текот на целата година, но и нискобуџетни во исто време, од 13 авиокомпании.

Според уделот во патничкиот сообраќај, Истанбул (и двата аеродроми – Истанбул и Сабиха Гокчен) е најфрекфентната дестинација на Меѓународниот Аеродром Скопје со 10,1% пазарен удел, по што следуваат Цирих (6,9%), Базел (5,4%), Виена (5,4%), Малме (4,3%), Братислава (3,4%).

Во однос на уделите на авиокомпаниите во вкупниот патнички сообраќај, Виз ер превезе најголем број патници во првите 6 месеци и има 65,1% удел на пазарот, по што следуваат Туркиш ерлајнс (7%), Аустријан ерлајнс (5,3%), Германија флуг (4,2%), Пегасус ерлајнс (3,4%), Кроација ерлајнс (2,9%).

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.