Преку денот сончево и ветровито, утринските температури до минус 14

Времето во Македонија во вторникот ќе биде сончево и особено наутро студено, во северните делови со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер кој долж Повардарието ќе засилува.

Утринската температура се движи од минус 14 до минус 4, а дневната ќе биде во интервалот од минус 4 до 8 Целзиусови степени.

Во Скопје и околината ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северен ветер. Утринската температура се спушти до минус 6, а дневната ќе достигне до 3 Целзиусови степени.

До среда наутро ќе преовладува ведро и во утринските часови особено студено време проследено со слаб до умерен северен ветер, кој повремено ќе засилува. Од среда ќе започне да дува јужен ветер, од запад ќе се зголеми облачноста и температурите ќе бидат во пораст.

Во четврток преку денот во западните делови на планините ќе има услови за појава на снег, а на пониските места понекаде ќе започне снег кој ќе премине во дожд. Во петок во западните делови, а во сабота насекаде ќе има повремен дожд и ќе дува повремено засилен јужен ветер поради кој ќе започне побрзо топење на снегот.