Преку други правни акти министертвото за правда ќе бара екстрадиција на Груевски

Mинистерството за правда на Македонија, кое забрзано ги преведува документиоте за екстрадиција на Никола Груевски, информира дека преку други правни акти ќе се бара испорачување на поранешниот македонски премиер затоа што земјава нема договор со Унгарија за екстрадиција.

Како што изјавија од министерството за ТВ21, таму списите се’ уште не се целосно готови, односно се прави превод на унгарски јазик на обемната документација која е на неколку стотици страници. Се очекува до понеделник оваа процедура да заврши и барањето за екстрадиција да биде испратено до унгарските власти.

Вчера премиерот Зоран Заев изјави дека очекува од унгарските власти да дејствуваат според европските и меѓународните конвенции за азил и да го екстрадираат на Македонија Груевски.

Како што е познато Груевски, поранешниот премиер на Македонија е во бегство откако двогодишната затворска казна за случајот „Тенк“ стана правосилна. Официјално е потврдено дека Груевски е во Будимпешта.

Правните акти преку кои ќе се бара екстрадицијата на Груевски се Законот за меѓународна правна соработка во кривичната материја, Европската конвенција за екстрадиција од 1957 година и одредбите од Договорот меѓу СФРЈ и Народна република Унгарија за заемна правна помош од 1968 година.

Македонија нема таков договор и со Грција, но и во случајот со бегалците Горан Груејвски и Никола Бошковски кои пребегнаа во Солун, македонските правосудни органи се повикаа на други правни акти во барањето за екстрадиција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.