Преку инструираното правосудство и нарачани сведоци сакаат да го уништат ВМРО-ДПМНЕ

Преку „Кацарска судството“, „Рускоска обвинителството“ и нарачани сведоци сакаат да му нанесат штата на ВМРО-ДПМНЕ, истакна на денешниот протестен марш во Кочани, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и потсети дека ланската пролет граѓанското движење „За заедничка Македонија“ 80 дена мирно протестираше затоа што луѓето знаеа дека кога Зоран Заев ќе формира влада следува црн живот

„Ќе се појави ’Кацарска судството’ и ’Рускоска обвинителството’ и тогаш ќе се појави некое нарачано сведочење кое што има две цели. Првата цел е како да му нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ, како ВМО-ДПМНЕ да го претстави како црн ѓавол, да го демонизира дека ВМРО-ДПМНЕ правело нешто што не правело. Тоа е со единствена цел браќа и сестри, сопатници. Сакаат да го уништат ВМРО-ДПМНЕ, им пречи ВМРО-ДПМНЕ, им пречи овој народ ширум Македонија, им пречи хрброста и честитоста на овој народ, затоа што знаат дека се додека постои ВМРО-ДПМНЕ и последниот од нас ќе постои Македонија, затоа што Македонецот на Македонецот е Македонец. И се додека постои ВМРО-ДПМНЕ, постои дамакловиот мач надвиснат над нивните криминални глави, полни со монструозни издеи за криминал, мозок натоварен со грст народни пари, чудни мисли, неморал. За да бидат осудени еден ден, а тој ден јас ви ветувам дека ќе дојде многу брзо, многу брзо ќе го поразиме и СДСМ и Зоран Заев но и тие квислинзи кои што застанаа рамо до рамо со нив, сите на купче ќе ги поразиме, рече Мицкоски пред насобраните кочанчани.

Рече дека народот ќе го убедуваат дека лицата осомничени за настаните од 27-ми април минатата година, наводно биле маскирани, но тие, како што истакна Мицкоски, се патриоти, загрижени луѓе, коишто тоа време речиси три месеца маршираа ширум Македонија.

„Сакаа да си ја одбранат татковината. Знаеа што ги чека ако Зоран Заев ја формира новата Влада. Предвреме сведочеа за оваа пљачка, за ова омаловажување, за ова уништување парче по парче на нивната татковина. Затоа излегоа на улиците и затоа 80 денови маршираа по улиците, по плоштадите ширум Македонија. А сите оние уфрлени удбашки елементи кои сега ги гледаме како стаорци, даваат оваков-онаков исказ, со цел да нанесат штета и болка на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија и Македонците, треба да се истражат и да одговараат за тоа што го направиле. А овие чесни луѓе кои 80 дена маршираа, треба да им се даде почит и секој да им се поклони затоа што се чесни граѓани“, порача Мицкоски.