Преку Ковакс Македонија до јули ќе добие 103.200 вакцини

Иницијативата на ОН Ковакс планира во првата половина од годинава да испорача 337,2 милиони дози вакцини, најмногу во земјите во развој.

Тоа ќе биде доволно за вакцинирање на речиси 169 милиони луѓе со двете дози, или речиси три проценти од популацијата во 145 земји кои учествуваат во иницијативата.

Ковакс очекува да подели 336 милиони дози вакцини кои ги развија АстраЗенека и Оксфорд во првите два квартали, повеќето произведени во Индија.

Меѓу земјите во регионот, Србија ќе добие најмногу – 345.600 дози, потоа Босна и Херцеговина – 177.000, Албанија – 141.600, Македонија – 103.200, Косово 100.800 и Црна Гора 84.000 дози вакцини.

Во првиот квартал се очекуваат дополнителни 1,2 милиони од вакцината на Фајзер и Бионтек.

Според Ан Линдстранд од СЗО, испораките би можеле да почнат кон крајот на февруари.

Ковакс ќе покрие трошоци за набавка на вакцините за 92 сиромашни земји, додека другите ќе ги добијат по пристапни цени.

Земјите ќе добијат дози пропорционално на бројот на населението.

Најмногу ќе добие Индија (97,2 милиони), потоа Пакистан (17,2 милиони), Нигерија (16 милиони), Индонезија (13,7 милиони), Бангладеш (12,8 милиони), Бразил (10,6 милиони), Кенија (4,2 милиони), Судан (3,4 милиони), Јемен (2,3 милиони) и Сирија (1,02 милиони)