Преку мерката МојДДВ досега вратени 7,3 милијарди денари

Управата за јавни приходи (УЈП) ја изврши исплатата на средствата од МојДДВ, за второто тримесечје од годинава при што на граѓаните кои скенирале фискални сметки во месеците април, мај и јуни вкупно им се исплатени 707.246.087,00 денари. Како што велат од УЈП, преку проектот МојДДВ, кој започна на 1 јули 2019 година, досега на граѓаните им се вратени 7,3 милијарди денари.

-Во наредните денови ќе се врши исплата кај оние корисници на апликацијата кои направиле промени во својата трансакциска сметка. Во ова второ тримесечје 13.402 граѓани се нови корисници на апликација МојДДВ, информираат од УЈП.

Согласно нивните анализи, над 530 илјади граѓани во април, мај и јуни годинава скенирале 86,9 милиони фискални сметки со искажан промет од 54,2 милијарди денари.

-Управата за јавни приходи апелира до граѓаните корисници на апликацијата МојДДВ да внесат точни податоци како би се извршила навремена исплата. Најчести причини поради кои не се врши исплатата се: погрешно внесена трансакциска сметка, внесена трансакциска сметка на друго лице а не на корисникот на апликацијата, или е внесен бројот на платежната картичка наместо број на трансакциска сметка, сметка која е веќе згасната или воопшто не е внесена, велат од УЈП и додаваат дека проектот МојДДВ успешно се реализира и успешно ги остварува двете главни цели: враќање назад пари кај граѓаните, и сузбивање на сивата економија.

Потсетуваат дека од 1 јануари годинава од 1.800 на 2.100 денари е зголемен лимитот за највисокиот износ на враќање на дел од ДДВ изразен во фискалните сметки за едно тримесечје по корисник.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.