Преку непринципиелен демант, Спасовски му се заканува на порталот „Курир“

Преку непринципиелен демант за превземена вест од друг портал, новиот технички министер за внатрешни работи Оливер Спасовски врши притисок и му се заканува на КУРИР, објавува овој интернет портал.

За ваквите неосновани притисоци, нашата редакција ќе ги извести странските претставници во земјава и новинарските здруженија.

Синоќешниот демант од МВР за текстот преземен од порталот НетПрес под наслов „Героски го откри обидот на Спасовски за незаконско делување“ е закана и притисок врз КУРИР од првиот човек на министерството и полицијата.

Во текот на вчерашниот ден, уредникот на порталот Плусинфо, Бранко Героски, објави текст со наслов „МВР трага по групата која фрлала флаери против СДСМ“, по што НетПрес излезе со напис дека Героски ненамерно го открил обидот на технички назначениот министер Оливер Спасовски да делува надвор од законот и да ја политизира полицијата по партиска директива.

Поради тоа што ваквите пишувања на НетПрес претставуваат скандал и преседан, КУРИР се одлучи да го преземе изворниот текст од НетПрес, како што истото го сторија и низа други медиуми.

Во демантот испратен синоќа до медиумите, МВР и Спасовски непринципиелно и  неосновано го вперија прстот директно кон КУРИР. Бидејќи МВР и Спасовски вршат притисок врз КУРИР за превземен текст, што е апсурдно и досега невидено, бараме извинување и напоменуваме дека нашата редакција за ваквите притисоци и закани ќе ги извести странските претставници во земјава, новинарските здруженија и ќе поднесе претставка до внатрешната контрола при МВР.

Демантот од МВР насочен директно кон КУРИР преставува класичен притисок и закана, бидејќи станува збор за напис која ние само сме го превзеле. Господине Спасовски, нема да не заплашите со ваквите непринципиелни деманти преку кои ни се заканувате и нема да отстапиме од критичка опсервација.

КУРИР како крајно сериозни ги зема во предвид ваквите неосновани притисоци, кои само се продолжение на заканите и клеветите кои секодјевно ги добиваме од СДСМ и нејзините функционери. Редакцијата на КУРИР е под перманентен притисок од опозициските структури во земјава, напади и закани кои претставуваат удар врз слободата на говорот и работењето на медиумите, се вели во текстот на КУРИР.