Преку ноќ мистериозно пополнети сите 40.000 термини за вакцинација од сезонаски грип

Каде исчезнаа термините за вакцини против сезонски грип? На првиот ден од стартот на вакцинацијата, матични лекари ниту во 7 часот наутро не можеле да најдат ниту еден слободен термин за пациентите. Доктори за „Алфа“ велат дека ординациите цело претпладне им биле полни со хронично болни кои притискале да добијат термин за вакцинирање. Добивале и закани, а некои од пациентите си ги земале документите за да се префрлат на друго место.

Матичните се збунети – прашуваат како е можно сите 40.000 термини уште во 7 часот наутро да се исполнети, а не биле пуштени вчеравечер до крајот на работното време.

-Вчера бев втора смена на работа, проверив во 19 часот пред да заминам термини за вакцина против грип немаше. Утрово во 7,15 ниту јас ниту колешките не можевме да најдеме ниту еден слободен термин, вели за телевизијата докторка која сака да остане анонимна и прашува дали некој прави злоупотреба со термините за вакцинирање.

За лошото менаџирање од страна на надлежните алармираат и од Здружението на матични лекари. Велат нема никаква координација помеѓу матичните лекари и надлежното министерство бидејќи никој не ги известил кога ќе стартува закажувањето за вакцините против грип.

И во вакциналните пунктови во Скопје признаваат оти интересот за оваа вакцина годинава е многу голем.

-Интересот е голем, термините се исполнети. Најголем интерес има кај повозрасната група на граѓани и хронично болните, вели доктор Даниела Марковска од Поликлиниката „Јане Сандански“.

Годинава за пациентите достапни се 40.000 вакцини и тие се бесплатни за граѓаните. Докторите препорачуваат вакцина против грип да примат хронично болните, старите лица, бремените жени и малите деца.

Денеска за неполни четири часа биле потрошени и 2.000 дози од вакцините кои ги набави Центарот за јавно здравје. За нив граѓаните плаќаа по 800 денари.

Инаку годинава вакцинацијата против сезонски грип доцни речиси две недели. Првично беше најавено дека вакцинирањето ќе почне на крајот од Октомври.

Институтот за јавно здравје веќе има регистрирано 26 случаи на заболени од грип.