Премиер лига: Јунајтед демонтиран на „Енфилд“

Во најголемото дерби во англискиот фудбал меѓу двата најтрофејни клуба во историјат во неделното соочување во рамките на 26-то коло од Премиер лигата, Ливерпул со 7:0 на својот стадион „Енфилд“ го декласираше Манчестер Јунајтед.

По израмнетото прво полувреме клучниот момент се случи во 43 минута кога Коди Гакпо го доведе Ливерпул во водство од 1:0. Самиот почетокот на вториот дел го навести дебаклот на манчестерските „Црвени ѓаволи“. Дарвин Нуњез во 47 минута зголеми на 2:0, по што Јунајтед мораше целосно да се отвори. Тоа го искористија домашните играчи кои беа многу побрзи и прецизно комбинираа па од противнапади ја постигнаа историскиот резултат во дуелите со најголемиот ривал. Веќе во 50 минута Ливерпул дојде до убедливо водство од 3:0 со вториот погодок на мечот на Гакпо. Во 66 минута силно и прецизно под пречката шутираше Мохамед Салах, а за 5:0 во 75 минута повторни стрелец беше Нуњез кој ја натскока гостинската одбрана и со глава го реализираше одличното нафрлување на Џордан Хендерсон. И Салах стана двоен стрелец во 83 минута, а конечниот резултат во 87 минута со удар од свртување низ неколку гостински играчи го постави Роберто Фирмињо кој во 79 минута го замени Гакпо.

Интересно, статистиката покажува дека играчите на Ливерпул упатиле 8 удари директно во голот на Манчестер Јунајтед, што значи дека само еден од нив не завршил во мрежата на гостите.

Со ова е израмнет најтешкиот првенствен пораз на Манчестер Јунајтед во клупската историја. Во далечната 1931 година со истиот резултат 0:7 бил поразен од Вулверхемптон Вандерерс.

Со оваа победа Ливерпул се искачи на петтото место на табелата со 42 бодови, еден повеќе од шестопласираниот Њукасл кој има и меч повеќе. Манчестер Јунајтед ја прекина добрата серија, но остана на третото место со 49 бодови четири повеќе од Тотенхем кој има натпревар повеќе.

Вториот прволигаш од Ливерпул претходно во неделата не успеа да впише важна победа иако двапати беше во водство, Евертон на гости кај Нотингем Форест ремизираше со 2:2.

„Карамелите“ поведоа од пенал во 10 минута кој го реализираше Демараи Греј, но веќе во 19 минута за домашните израмни Бранан Џонсон, а борбената прва третина од дуелот ја заклучи Абдулаи Дукуре со голот во 29 минута за ново водство на Евертон од 2:1, резултат со кој се замина на одмор. Во вториот дел Џонсон со својот втор погодок на дуелот во 77 минута израмни на конечните 2:2.

Нотингем Форест остана на 14-ти место сега со 26 бодови, а Евертон со 22 бодови не успеа да излезе од зоната на испаѓање и е 18-ти.