Премиера на „ТРИ“ – театарска претстава на знаковен јазик

Битолски актери вечер во НУ Центар за култура, премиерно ќе ја изведат претставата за деца на знаковен јазик „Три“ чиј режисер е Јован Ристовски.

Станува збор за прв културен проект од ваков вид во земјава подготвен на знаковен јазик за глувонеми и наглуви лица кој освен во Битола ќе биде претставен и во други седум градови низ државата.

Претставата „Три“ е инспирирана од легендата на Марко Цепенков за овчарот и трите самовили, а обременета со еколошките проблеми на денешницата. Претставата е наменета за широката детска публика, но истовремено и за деца кои се со оштетен слух, глувонеми или наглуви.

Во театарската претстава „Три“, актерите со публиката комуницираат говорно и на знаковен јазик, а настапуваат Маја Андоновска Илијевски, Анастазија Христовска, Сандра Грибовска и Николче Пројчевски, Толкувач на знаковен јазик е Сузана Станоевска.

Театарскиот проект „Три“ на АТО-центар од Битола е поддржан од ГИЗ и Министерството за култура.