ПРЕМИЕРОТ ИСКРЕН: Да, се вработува и по партиска линија

По низата скандали со вработување на роднини на функционери и исклучиво по партиска линија, премиерот Зоран Заев  призна дека во државната администрација еден од условите за добивање работно место е и партиската книшка.

„Точно е дека има одредени и партиски припадности во вработувањето но поголемиот дел се луѓе кои се бираат на конкурси, граѓани на Македонија“, рече премиерот Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање за моменталната состојба со големиот број на партиски вработувања.

Владата на Заев во изминатиот период е „под отворен оган“ од јавноста поради десетиците случаи на вработувања на блиски роднини на пратениците, министри и други владини функционери во најпрофитабилните државни компании како ЕЛЕМ и МЕПСО.

По низата скандали Заев ги повика вработените да си дадат откази, но неговиот повик допре незначителен број од прозваните. А, се чини од овој повик одлучија во целост да го игнорираат роднините на министрите од ДУИ. Заев вели апелрирал за повлекување не како претседателот на СДСМ, туку како премиерот и доколку неговиот повик не се почитува ќе има санкции.

„Секој ќе си ја сноси својата одговорност има и политичка и етичка одговорност. Секој со својата одговорност во делот на постапките. Ако има одредено образложение за одредени работи, но ако нема образложение, ако нема нормативи, ако нема транспарентност, не се видела конкурентноста. Знам луѓе кои се членови на семејства  на одредени функционери кои добиле петта шанса, првите четири им биле испуштени. Некои чекале и по 20 години. И чекаат денес. Без оглед на тоа од кој профил се треба да добијат шанса да работат еднакво… Болно е јас знам кога гледате дека има протекционизам, посебно политички и тој треба да го отклониме“, рече Заев.

За само неколку дена јавноста дозна дека во ЕЛЕМ се вработиле синот и братот на пратеничката Мира Стојковска, ќерката на Талат Џафери, сестрата на министерот за култура, Асаф Адеми, сопругот на државниот секретар во МВР, Магдалена Несторовска. Додека во МЕПСО се вработи сестрата на министерот за економија, Крешник Бектеши вработен. Државната комисија за спречување корупција отвори 18 предмети во врска со вработувања на роднини на функционери.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.