Премиерот на Јапонија Шинзо Абе: Олимписки игри во Токио ќе се одржат во јули

Јапонскиот премиер Шинзо Абе тврди дека Летните олимписки игри во Токио ќе се одржат во јули како што е планирано и покрај пандемијата на коронавирус и откажувањето на речиси сите спортски настани во светот. Сепак, вели дека Интернационалниот олимписки комитет ќе го има последниот збор.

„Ќе го надминеме ширењето на вирусот и ќе бидеме домаќини на Олимписките игри без проблем“  – вели Абе.Во декември, организаторот објави дека Игрите ќе чинат нешто повеќе од 10 милијарди евра, а ИОК при откажување во ваква ситуација на светска пандемија нема да има обврски да му ги надомести парите на домаќинот.

Јапонскиот дел од носењето на олимпискиот факел ќе почне во Фукушима на 26 март. Палењето на огнот на Олимпија мина без публика, а носењето на пламенот низ Грција беше откажано за да не привлекува луѓе на улиците. Во меѓувреме, неколку олимписки квалификациски натпреварувања во САД беа откажани додека боксерскиот квалификациски турнир во Лондон се одржува викендов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.