Премиерот на БиХ осуден на 4 години затвор за незаконска набавка на респиратори

Фадил Новалиќ, премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина е осуден на четири години затвор за незаконско однесување при набавка на кинески респиратори за време на пандемијата со ковид 19. Судот на Босна и Херцеговина изрече првостепена пресуда против Новалиќ и другите обвинети, суспендираниот шеф на цивилната заштита Фахрудин Солак и сопственикот на земјоделската компанија „Сребрена малина“, Фикрет Хоџиќ.

Солак е осуден на шест години затвор, а Хоџиќ на пет. Компанијата „Сребрена малина“ ќе треба да плати и отштета во износ од 100.000 евра. Новалиќ денеска не се појави на изрекувањето на пресудата.

Новалиќ беше обвинет дека смислил план за користење пари од буџетот за купување средства и опрема за борба против корона вирусот, каде што се здружил со Солак и Хоџиќ со цел да „добие материјална корист“, која потоа ќе ја поделат меѓу себе.