Премиерот Пленковиќ на врвот на листата за најнегативно оценети хрватски политичари

На врвот на листата на најнегативно оценети хрватски политичари се наоѓа премиерот Андреј Пленковиќ, а претседателот на Парламентот Гордан Јандроковиќ е меѓу првите тројца, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од „Промоција плус”.

Анкетата покажала пораст на популарноста на новиот градоначалник на Загреб, Томислав Томашевиќ и политичката платформа Можеме, пад на рејтингот на претседателот Зоран Милановиќ и силна прва позиција на ХДЗ.

Една година од последните парламентарни избори во Хрватска, ХДЗ е сè уште водечка политичка партија, а според резултатите од анкетата спроведена овој месец, неа ја поддржуваат 27,4 проценти од испитаниците, што покажува дека оваа партија има голема предност во однос на политичката конкуренција, пренесува загрепскиот „Јутарњи лист”.

На второ место се уште се наоѓа СДП со поддршка од 18,7 проценти, што е 0,2 отсто помалку отколку во јуни, но истражувањето покажува дека СДП сериозно се приближува кон коалицијата Можеме, која забележа зголемување на популарноста и поддршката од 16,9 проценти од испитаниците, односно 3,5 проценти повеќе отколку минатиот месец.

И покрај падот на рејтингот, Татковинското движење на Мирослав Шкоро се наоѓа на четвртото место, со поддршка од 6,4 проценти од испитаниците, што е 1,8 проценти помалку отколку во јуни, а Мост е на петтото место со 4,8 проценти поддршка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.