Премиерот Рама пречекан со протест од нафтените работници во Фиер

Албанскиот премиер Еди Рама беше пречекан со протести во градот Фиер, каде пристигна за да одблиску се запознае со текот на работите околу уредувањето на центарот на градот.

„На протестот присуствуваа десетици граѓани, вработени во рафинеријата за нафта.Почнаа да извикуваат „Рама оди си“ по што интервенираше полицијата, која приведе две лица, пренесува телевизија Ора њуз.

Учесниците во протестот за телевизијата изјавија дека не ја добиле платата што Владата ја ветила поради неработењето на рафинеријата, условено од пандемијата со коронавирусот и оти се оставени без леб.

Тие се разочарани и од министерката за економија која,како што велат излажала изјавувајќи дека ја добиле платата. Во исто време бараат да продолжат со работа.

-Немаме ни за леб. А со што ќе ги подмириме сметките за струја,вода. Апелираме до премиерот повеќе да не не лаже туку да ги заштити нафтените работници, зашто во спротивно ќе почнеме штрајк со глад,изјавија дел од учесниците во протестот.

Ова е, инаку меѓу првите посети на премиерот Рама на друг град надвор од Тирана од појавата на пандемијата со коронавирус.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.