Премногу се шутираат тројки, а има малку добри шутери

Една од легендите на НБА лигата, Дејвид Робинсон смета дека денеска кошаркарите во најсилната лига во светот премногу шутираат тројки, иако има малку вистински шутери, центрите се се помалку центри, но дека се уште има извонредни кошаркари. Робинсон во интервју за германски медиуми ја анализираше состојбата во НБА лигата и направи разлика во играта кога тој настапувал и денеска.

Од мојата точка на гледање, преминот на Џејмс во „Лејкерси“ не ја промени НБА. „Езерџиите“ секако ќе бидат подобри со Џејмс, но водечките тимови и фаворити за титулата остануваат исти. Навистина не гледам како „Лејкерс“, дури и со Леброн, може да сменат нешто во наредната сезона во борбата за титулата. Но ако тоа се случи, ќе бидем првиот што ќе побара камера и гласно да кажам дека Леброн Џејмс е најдобриот играч на сите времиња. Тоа би било зачудувачки, но навистина не верувам дека може да се случи, изјави Робинсон.

„Адмиралот“ смета дека играта е дефинитивно возбудлива и се постигнуваат многу поени.

Она на што не сум голем навивач се исбрзани и лоши шутви, поради што не ми се допаѓа бројката на тројки што се шутираат на еден натпревар. Тоа едноставно не е шут што се погодува во голем процент и постојат само играчи како Кари, Томпсон, Дурент или Харден. Другите играчи треба малку подобро да размислат кога да шутнат, а кога не. Ние во нашето време натпреварите ги добивавме со одлична одбрана и дисциплиниран напад. Тоа е дел од денешната игра што не ми се допаѓа. Од друга страна, во денешната лига има неверојатни таленти и, за пример, речиси никогаш не сум уживал толку многу да гледам некого колку што го гледам Стеф Кари. Исто така, и генерацијата која сега доаѓа има огромни потенцијали верувам дека НБА има одлична иднина, смета Адмиралот.

На поранашниот центар на „Спарси“ не му се допаѓа ниту еволуцијата на центрите.

Би рекол дека тоа е еден кружен процес. Во мое време играа исклучително доминантни центри како Патрик Јуинг, Хаким Олајџувон, Шекил О’Нил, Рик Смитс. Тоа беше одлично, но играта постојано се развива и сега се „раширила кон надвор“ па играчите повисоки од 210 сантиметри шутирираат тројки. Сепак, набргу ќе сфатат дека можат да заработат многу пари ако се спуштаат во рекетот и таму ја вршат својата работа. Денес постојат многу играчи кои немаат извонредни статистики, но се добро платени за тоа што се борат под кошот за секој сантиметар простор. Верувам дека развојот повеќе ќе оди повторно во таа насока. Во лигите веќе има неколку играчи кои можат да бидат исклучително доминантни во рекетот, како Карл Ентони Таунс, Ентони Дејвис и Џоел Ембид, вели Робинсон.